По значителното зголемување на бројот на невработени во месеците јуни и јули, Агенцијата за вработување, повторно и за август, регистрира раст на невработеноста во земјава. Податоците што ги објавува оваа институција упатуваат на заклучок дека од почетокот на корона-кризата, па до крајот на август без работа останале речиси 40 илјади граѓани, или точно 38.943 лица. Последиците од корона-кризата врз вработените особено негативно се одразија во месеците јуни и јули, кога во согласност со податоците на агенцијата без работа останале 20.590 граѓани, или поточно во јуни 12.268, додека во јули 8.322 лица. Во текот на август, во агенцијата повторно е регистриран раст на бројот на невработени, иако не толку многу како во претходните месеци. Сепак, нови 2.982 граѓани останале без работа. Последните бројки на Агенцијата за вработување покажуваат дека во август бројот на невработени лица во земјава достигнал 144.759, додека пред почетокот на корона-кризата, на крајот на февруари, имало 105.816 невработени лица.

Пандемијата ја динамизира невработеноста

Домашните економски експерти укажуваат дека растот на невработеноста во земјава започнал уште пред корона-кризата и дека се неопходни активности за нејзино сузбивање.
– Бројот на нeвработeни сe зголeмувашe и прeд кризата. Во јануари и во фeвруари сe зголeми нeвработeноста за 2.700, во однос на дeкeмври 2019 г. Намалувањeто на eкономската активност води до раст на нeвработeноста и на сиромаштијата. Во ситуацијава, поради корона-кризата, бизнисмените сe прeтпазливи кога станува збор за нови инвeстиции и вработувања и затоа државата трeба да ги поттикнe инвeстициитe. Ова може да се постигне со јавни инвестиции и со пополнувањe на испразнeтитe мeста во јавниот сeктор, кои со години остануваа нeпополнeти, како лeкари, инспeктори за труд, шумарски работници.. – вели професорот Здравко Савески.

Бројот на невработени зголемен првпат по 15 години

Претставниците на Институтот за економски истражувања и политики објаснуваат дека поради затворањето на економијата и ограниченото движење заради сузбивање на коронавирусот е предизвикана најдлабоката индуцирана рецесија на македонската економија, при што БДП во вториот квартал од 2020 се намали за 12,7 отсто. Најголем пад има кај индустријата (-25,3 отсто) и трговијата, транспортот и угостителството (-23,4 отсто), при што индустријата и транспортот се намалија главно поради ограничената меѓународна трговија и отежнатото движење, а трговијата и угостителството од наметнатото затворање и воздржаност од потрошувачка на неесенцијални добра и услуги.
– Невработеноста во вториот квартал од 2020 г. се зголеми првпат по 15 години, на 16,7 отсто од претходните 16,2 проценти. Сепак, растот е значајно помал споредено со контракцијата на економијата, главно затоа што ударот на кризата беше пресретнат со владините мерки, главно мерката за субвенционирање на платите во износ од 14.500 денари по работник, која вклучуваше одредба за задржување на истиот број работници за време на користењето на мерката и два месеца по нејзиниот престанок. Помеѓу двата квартала, најмногу работни места, 12 илјади или 24,2 отсто, се изгубени во дејноста транспорт и складирање. И понатаму ја задржуваме проекцијата дека падот на БДП во 2020 г. ќе биде -3,8 отсто, но и под особено изразени негативни ризици, во целост детерминирани од времетраењето и потенцијалното влошување на кризата предизвикана од ковид-19 и врз претпоставките дека економијата нема повторно да се затвори при евентуален нов удар на пандемијата, како и дека економските текови ќе продолжат со разумно темпо на нормализација до почетокот на 2021 г. – наведуваат од институтот „Фајненс тинк“.

ССК побара продолжување на субвенционирањето за плати

Деновиве претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија посочија дека доставиле 25 мерки за економски спас, за кои очекуваат Владата да ги усвои и имплементира, и истакнаа дека истите тие се базирани на реалните потреби на стопанството, кое се соочува со голем број предизвици, од кои најголем е нарушената ликвидност, која може да доведе до затворање на голем број правни субјекти.
– Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности што се пред пропаѓање. Од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постојните кредити за оние претпријатија што се борат со одржување на ликвидноста, за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките – кажа претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Меѓу другите мерки што се бараат е и директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година.