Фото: Маја Јаневска-Илиева

Најниска стапка на невработеност е регистрирана во еврозоната во ноември минатата година, а претходно најниска стапка била регистрирана во јули 2008 година

Стапката на невработеност во еврозоната, во која членуваат 19 земји, во ноември 2019 година паднала на најниско ниво досега од само 7,5 отсто, при што било забележано намалување и во споредба со истиот месец 2018 година кога невработеноста била 7,9 проценти. Овие податоци се објавени од страна на службата за статистички податоци на Европската Унија, „Евростат“, од каде што посочуваат дека последната стапка од 7,5 проценти е воопшто најниската стапка на невработеност забележана во еврозоната од јули 2008 година.

Од друга страна, стапката на невработеност во Европската Унија (ЕУ), односно во сите 28 земји-членки, беше уште пониска и изнесуваше 6,3 отсто во ноември 2019 година. И овде „Евростат“ регистрира намалување во споредба со истиот месец 2018 година, кога изнесувала 6,6 проценти. Ова исто така е најниската стапка на невработеност досега регистрирана во ЕУ 28 од самиот почеток на собирање податоци за месечна невработеност на ЕУ во јануари 2000 година.

– „Евростат“ проценува дека 15.582 милиони мажи и жени во ЕУ 28, од кои 12.315 милиони во еврозоната, биле невработен во ноември 2019 година. Невработеноста во ноември се намалила за 768 илјади во ЕУ 28 и за 624 илјади во еврозоната – се наведува во соопштението на „Евростат“.

Меѓу земјите-членки на Европската Унија, најниски стапки на невработеност во ноември 2019 година се забележани во Чешка, каде што невработеноста била сведена само на 2,2 проценти. По неа следуваат Германија, со 3,1 отсто, и Полска, со 3,2 проценти.
Од друга страна, највисоки стапки на невработеност се забележани во Грција, каде што таа изнесувала 16,8 проценти, како и во Шпанија, каде што во септември 2019 година стапката на невработеност изнесувала 14,1 отсто.

Споредено со пред една година, стапката на невработеност се намалила во 20 земји-членки, а останала на исто ниво во Холандија и во Португалија. Раст на невработеноста е забележан во Луксембург, и тоа од 5,4 на 5,5 проценти, во Словенија од 4,4 на 4,6 отсто, како и во Чешка од 2 на 2,2 проценти, Кипар од 7,5 до 7,7 отсто, Шведска од 6,5 до 6,9 проценти и Литванија од 5,8 до 6,4 отсто.

Најголем пад на невработеноста е регистриран во соседна Грција, каде што таа се намалила од 18,8 проценти на 16,8 помеѓу септември 2018 и септември 2019 година. Намалени стапки на невработеност „Евростат“ регистрирал и во соседна Бугарија каде од 4,8 отсто, истата се намалила на 3,7 проценти, потоа во Естонија од 5,3 на 4,2 отсто помеѓу октомври 2018 и октомври 2019 година и Хрватска од 7,5 на 6,5 проценти.
Во ноември 2019 година, стапката на невработеност во Соединетите Американски Држави била 3,5 отсто, при што исто така има намалување од 3,6 проценти во октомври 2019 година во споредба со ноември 2018 година, кога изнесувале 3,7 отсто.


Младите помалку барани на пазарот

Невработеноста кај младите во ЕУ 28 во ноември 2019 година изнесувала 3.222 милиони млади под 25 години, од кои 2.258 милиони биле во еврозоната. Споредено со ноември 2018 година, невработеноста кај младите е намалена за 111 илјади во ЕУ 28 и за 89 илјади во еврозоната. Во ноември 2019 година, стапката на невработеност кај младите изнесувала 14,3 отсто во ЕУ 28 и 15,6 проценти во еврозоната, споредено со 14,8 отсто и 16,3 проценти соодветно во ноември 2018 година. Во ноември 2019 година, најниски стапки се забележани во Чешка – 5,2 отсто, Германија – 5,9 проценти и Бугарија – 7 отсто. Додека, пак, највисоки стапки на невработеноста кај младите се регистрирани во Грција – 32,5 проценти во третиот квартал од 2019 година, потоа во Шпанија – 32,1 отсто и во Италија – 28,6 проценти.


Во Македонија невработени 17,1 отсто

Според податоците на Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2019 година, активното население во Македонија изнесува 964.248 лица, од кои вработени се 799.546, а 164.702 лица се невработени. Стапката на активност во споменатиот период е 57,2, стапката на вработеност 47,4, додека стапката на невработеност изнесува 17,1.