Стапката на невработеност во еврозоната во ноември се намали на 7,9 отсто, на најниско ниво во последните 10 години, покажуваат податоците на Евростат.

Во анализата на европската служба за статистика се наведува дека бројот на невработени во еврозоната во ноември е намален за 90 илјади лица, благодарејќи на што стапката на невработеност е намалена од октомвриските 8,0 отсто.

– Намалувањето на невработеноста носи олеснување, бидејќи покажува дека неизвесноста во поглед на економските перспективи и забавувањето на темпото на раст, сè уште не предизвикале застој во растот на вработеноста, тврди главниот економист на ИНГ банка Берт Колин – пренесува Танјуг.