Невработените ќе учат како да започнат сопствен бизнис

Триесет невработени лица од Вардарскиот, Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот плански регион од вчера почнаа да посетуваат обука за отпочнување бизнис, спроведена од страна на Агенцијата за поддршка на претприемништвото, во рамките на проектот за Нордиска поддршка за напредок на Македонија, финансиран од кралствата Норвешка и Шведска.

Вкупната финансиска поддршка за оваа активност во износ од околу 200.000 евра е обезбедена во рамките на проектната компонента за подобрен пристап до вработување, која е финансирана од Норвешка. Oбуките се наменети за невработени лица од овие четири региони кои имаат идеја за отпочнување сопствен бизнис, но немаат капацитет за изготвување на бизнис-план.

– Имавме голема заинтересираност за овие обуки од страна на невработените лица од овие четири региони. Според критериумите за апликација, половина од пријавените се жени додека една третина се млади на возраст под 29 години. Во следните четири недели обуките ќе се спроведуваат во Кавадарци и во Куманово, од страна на 11 искусни обучувачи од Агенцијата, како и од надворешни консултанти. Според нашето досегашно искуство, очекуваме најголем број од посетителите на обуките да изготват одржливи бизнис-планови со кои ќе имаат можност да побараат дополнително финансирање и како краен резултат да регистрираат свој бизнис – изјави Иле Митковски, директор на Агенцијата за поддршка на претприемништвото.

Покрај обуката за изготвување на бизнис-план, преку проектот за Нордиска поддршка за напредок на нашата држава, лицата со најдобар бизнис-план ќе добијат и дополнителна помош преку набавка на опрема за нивниот бизнис.
Најголем дел од бизнис-идеите на учесниците во обуката се однесуваат на отпочнување сопствено производство во земјоделскиот, прехранбениот и угостителскиот сектор, како и за отворање бизниси во услужните дејности. Се очекува бизнисите да отпочнат со работа од ноември оваа година.