Фото: Игор Бансколиев

Народната банка на Република Македонија стои на ставот за оптималност на постојниот режим на девизниот курс и смета дека не постојат причини ниту каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот.

Ова е наведено во соопштението испратено до медиумите од страна на Народна банка.
– Стабилноста на домашната валута е клучното сидро за одржување и на ценовната и на финансиската стабилност. Не постојат причини, ниту пак каква било потреба да се отвораат дебати за евентуална девалвација на денарот. Во економијата не постојат нерамнотежи што би можеле да создаваат притисок врз домашната валута, ниту, пак, има индиции за отстапувања на курсот од неговото оптимално ниво – велат од НБРМ.

Оттаму истакнуваат дека од голема важност е тоа што оваа година екстерната позиција на економијата е исклучително поволна и силна, а Народната банка интервенира со висок нето-откуп на девизи, што дополнително ги зајакнува девизните резерви, кои на континуирана основа се одржуваат на високо ниво, и создава простор да се реагира на евентуални притисоци и да се создава силен капацитет за одржување на стабилноста на домашната валута.

– Оттука, сметаме дека тековниот контекст во државата воопшто не треба да се поврзува со стабилноста на домашната валута, ниту на домашниот банкарски систем. И едниот и другиот сегмент се исклучително здрави и отпорни и не постојат рационални причини за разнишување на довербата и на тековно позитивните очекувања – наведуваат од НБРМ.