Советот на Народната банка денес одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции на Народната банка за следниот тригодишен период.

Притоа беше заклучено дека контекстот на макроекономските проекции е променет, заради пандемијата на ковид-19. Со оглед на преземените мерки, неопходни за спречување на ширењето на вирусот, во 2020 година се очекува значајно намалување на глобалната побарувачка, пад на цените на примарните производи на светскиот пазар, привремено нарушување на глобалните и регионалните синџири на снабдување, промени во однесувањето на населението, затегнување на глобалните финансиски услови и аверзија кон ризик на инвеститорите.

– Иако шокот е од неекономска природа и оттаму засега не се очекува да има позначајни ефекти врз долгорочниот потенцијал за раст на економиите, неговите ефекти на краток рок се очекува да бидат изразени, со што во 2020 година се очекува најголемата глобална рецесија по големата депресија – соопшти Народната банка.

Во соопштението се наведува дека македонската економија ќе биде погодена преку каналот на неповолното глобално окружување во целина, но како и во сите други економии, мерките за сузбивање на вирусот, исто така ќе имаат привремени неповолни ефекти. Најновите проекции вградуваат основна претпоставка дека шокот од ковид-19 ќе биде краткорочен и главниот удар врз економијата ќе се почувствува во вториот квартал, а потоа се очекува постепена нормализација.

Во вакви околности на намалена глобална побарувачка и изразена неизвесност, проекциите за растот на македонската економија се значајно променети во однос на октомври минатата година.

– За 2020 година, проектиран е пад на БДП од -3,5%, по што се очекува закрепнување со раст од 4,7% за наредната година (наспроти октомвриските очекувања за раст од 3,8% и 4%, соодветно). Во однос на структурата на растот, намалување се очекува и кај домашната и кај извозната побарувачка. Во 2021 година, во услови на нормализација на економскиот амбиент, се очекува закрепнување на економијата, поддржано од сите извори на растот. За 2022 година, се задржува оцената за годишна стапка на раст на домашната економија од околу 4%, вградена и во октомвриското сценарио. Имајки ја предвид високата отвореност на нашата економија, доколку падот на странската побарувачка е поголем од предвидениот во основното сценарио, економска активност може да биде пониска за 2.3 п.п. – соопшти НБРМ.

Во поглед на идната патека на движење на цените во домашната економија, најновите проекции упатуваат на стабилни цени во 2020 година и отсуство на инфлациски притисоци.

– Во услови на тековни инфлациски остварувања коишто се под очекуваните, како и при значителни надолни ревизии кај увозните цени поради шокот од пандемијата, особено на енергентите, оцените упатуваат на стапка на инфлација од околу 0% за 2020 година, што е позначителна надолна ревизија во однос на октомвриските согледувања за инфлација од 1,5%. Во 2021 година, стапката на инфлација се очекува да изнесува 1,5%, за во 2022 година да се стабилизира на нивото од околу 2% – соопшти НБРМ.

Со оглед на промените во амбиентот, понеповолните перцепции за ризиците во текот на оваа година се очекува и привремено поголема воздржаност од задолжување. Оттаму, и покрај солидниот раст во првото тримесечје од годината, кредитната активност до крајот на годината се очекува привремено да забави.