Сите домашни физички лица на 18 септември ќе можат да тргуваат со акции на берзата, без плаќање трансакциски трошоци, преку следните седум членки на берзата: Инвестброкер, Комерцијална банка, НЛБ банка Скопје, Стопанска банка Скопје, ТТК банка, Фершпед брокер и Шпаркасе банка Македонија.
По повод одбележувањето 25 години од основачкото собрание на Македонска берза АД Скопје, берзата иницира одржување т.н. „Инвеститорски ден“, кој ќе се одржи на 18-ти овој месец. Иницијативата, како што соопштуваат од Македонската берза, ја прифатија и во неа активно се вклучени Централниот депозитар за хартии од вредност и седум членки на берзата и ЦДХВ, а истата таа доби поддршка и од Комисијата за хартии од вредност.

Од берзата појаснуваат дека на „Инвеститорскиот ден“ сите домашни физички лица ќе можат да ги купат или продадат кои било акции без да ги платат провизиите кон берзата, ЦДХВ и овластените пазарни учесници (банки и брокерски куќи) што се вклучени во оваа иницијатива.
Притоа ќе треба да бидат исполнети следните услови: инвеститорите да склучат нормални трансакции со акции преку БЕСТ-системот, со посредство на некоја од долунаведените членки на берзата; износот на остварениот дневен промет по индивидуален инвеститор да не изнесува повеќе од 10.000 евра, независно од бројот на берзански трансакции преку кои тој ќе биде остварен; трансакциите да бидат склучени преку клиентска, односно сопственичка сметка.

Целта на иницијативата „Инвеститорски ден“ е промовирање уште поактивно учество на домашните индивидуални инвеститори на македонскиот пазар на хартии од вредност и вложување на населението во акции издадени од домашните компании што се тргуваат на Македонската берза, односно зголемување на знаењето за овие финансиски инструменти и подобрување на инвестициската култура во нашата држава.
Од Македонската берза најавуваат дека се планира овој настан да стане традиција на македонскиот пазар на хартии од вредност и да продолжи да се организира редовно и во иднина.