На денешната седница Владата ја разгледа и усвои информацијата на развојната банка, што се однесува на вториот пакет одобрени барања од обработените апликации на компании кои ги исполнуваат условите и критериумите за бескаматни кредити од Јавниот повик од првиот пакет економски мерки.

Согласно оваа информација, од Владата информираат дека на уште 118 компании со 1.116 вработени, им се одобри користење на бескаматни кредити во вкупен износ од 936.602 евра.

Во првата и втората група, се одобрени вкупно 254 кредитни апликации во вкупен износ од 2,2 милиони евра, за компании со 2,853 вработени. По структура од вкупно одобрените кредитни апликации, микро компаниите до 10 вработени учествуваат со 69%, малите компании до 50 вработени учествуваат со 28%, а средните компании до 250 учествуваат со 4%.

– Доставата на Информации со обработени кредитни апликации кои исполнуваат услови до Владата ќе се одвива редовно, на неделно ниво, сè додека не се исцрпат во целост средствата од кредитната линија Ковид 1. Досега до Развојната банка на Северна Македонија се пристигнати повеќе од 1,050 кредитни апликации на износ од 7,5 милиони евра – информираат од владината прес-служба.
Најдоцна до крајот на неделата Развојна банка ќе стапи во контакт со сите компании чии кредитни апликации беа одобрени на денешната седница на Влада заради реализација на договорите за кредит.