Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ширењето на коронавирусот во Европа го почувствуваа домашните компании речиси од сите дејности, пред сѐ компаниите што имаат партнери од Европската Унија, поточно што соработуваат со германски и италијански фирми

Продолжена реализација на мерките за поддршка на компаниите, како што се кредитите што ги доделува Развојна банка, но и поддршка за исплата на минималната плата за компаниите бараат стопанските комори поради продолженото дејство на корона-кризата. Упатените посочуваат дека ширењето на коронавирусот во Европа го почувствуваа домашните компании речиси од сите дејности, пред сѐ компаниите што имаат партнери од Европската Унија, поточно што соработуваат со германски и италијански фирми.
– Некои од компаниите го реорганизираа производството, се обидуваа и правеа напори во овој период да најдат нови пазари, но тоа не е толку лесно и едноставно. Стопанската комора на Македонија во изминатиот период максимално ги пренасочи своите активности кон обезбедување помош и поддршка за компаниите за наоѓање нови пазари и деловни партнери во новонастанатите околности, активностите се преориентираа кон организација на онлајн состаноци, учество на македонските компании на виртуелни саеми и користење дигитални платформи за Б2Б-средби – појаснуваат од СКМ.

Сепак, од оваа комора истакнуваат дека последиците за компаниите ќе бидат видливи подолг временски период, бидејќи странските партнери работат со намален капацитет и драстично им се намалени продажбите на производите. Поради ова компаниите ќе мора во следниот период да бараат нови пазари и да се приспособуваат или да го реорганизираат производството за да ја пребродат кризата, за што, според претставниците на комората, ќе им биде потребна поддршка од државата.
– Задолжувањето беше неминовно и сметаме дека Владата мора да биде похрабра, затоа што колку тие задолжувања ќе бидат поголеми, колку помошта на стопанството ќе биде поголема, толку можноста за излез од настанатава криза ќе биде поверојатна и заживување на стопанството ќе биде полесно во наредниот период. Неопходно за компаниите е и проширување на поволната кредитна поддршка, која досега се реализира со две линии преку Развојната банка, преку таканаречените програми „Ковид 1“ и „Ковид 2“, каде што има потреба од средствата, односно износот на бескаматните кредити за потребите на компаниите што имаат проблеми со ликвидноста, но и за реализација на нови инвестициски активности – истакнуваат од СКМ.

Со оглед на очекувањата дека кризата ќе биде со одолжено дејство, коморските претставници истакнуваат дека е неопходна дополнителна поддршка, со дополнителни финансиски средства, пред сѐ за поттикнувањето на личната потрошувачка, редовно сервисирање на обврските на државата кон приватниот сектор, како и реализација на капиталните, т.е. јавните инвестиции, кои ќе бидат клучни во справувањето со предизвиците од кризата.

Сојузот на стопански комори на Македонија излезе со барање поддршката за исплата на минималната плата да продолжи и во следните месеци. Оттаму истакнаа дека економијата бележи стрмоглав пад, а на удар се претприемачите, малите и средните компании што се столб на националната економија, кои опфаќаат над 80 отсто од вкупниот број вработени граѓани во приватниот сектор и претставуваат 99,8 проценти од регистрираните правни субјекти.

– Иницираме продолжување на економските мерки за финансиска поддршка на Владата за дополнителни два месеца. Неопходно е и продолжување на сите мерки за одложување на побарувањата по основа на даночни аконтации, кредити, како и на казнени и затезни камати до крајот на годината. Во согласност со анализите на Сојузот, голем број претпријатија се сериозно засегнати од кризата, а некои немаат никакви приходи за да ги покријат основните месечни трошоци. Следејќи ја состојбата, предизвиците со кои се соочуваат претпријатијата се многубројни, како нарушена ликвидност, борба за задржување на работните места и борба за опстанок поради неможноста за вршење дејност – изјави Данела Арсовска, претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија.

Таа на својот фејсбук-профил истакна дека на приватниот сектор му е потребна предвидливост, бидејќи плановите и одлуките за справување со состојбите и задржувањето на работните места претприемачите не ги носат од денес за утре. Поради ова бара итно и навремено да се донесе одлука за продолжување на финансиската поддршка за јуни и јули, без комплицирани услови и постапки, и истакнува дека е потребна безрезервна поддршка за спас на македонската економија.