Фото: Игор Бансколиев / Архива

По првичниот скок на цената на нафтата на светските берзи, домашните експерти посочуваат дека е премногу рано да се предвиди како би се движела во иднина цената на бензините во Македонија и дали и какви влијанија би имале настаните во Иран врз светските тргувања со нафтата. Во моментов нема недостиг од нафта на светскиот пазар, но не се исклучува опасноста да се јави недостиг доколку се влоши ситуацијата, оценуваат аналитичарите

Ценaтa на нафтата на светските берзи скокна за повеќе од четири проценти по воздушниот напад на САД, во кој загина иранскиот генерал Сулејмани. По овој напад, следуваа и контранападите врз американските бази во Ирак и токму новите случувања и стравувањата од избивање војна меѓу Иран и САД ги подгреваат сомнежите за раст на цените на нафтата на светските берзи.

Домашните експерти посочуваат дека е премногу рано да се шпекулира со предвидувања како би се движела цената на бензините во Македонија и дали и какви влијанија би имале во иднина настаните во Иран врз светските тргувања со нафтата. Во Македонија, од вчера, со одлука на регулаторот, цените на бензините се намалија.

– Сега ги намаливме цените на бензините, секако, водејќи се од цените на бензините на светските берзи, но и од вредноста на доларот. Како ќе се одрази понатаму растот на цените на нафтата на светските берзи врз цените во земјава многу е рано да се прогнозира. Очекувано е да има влијание, односно да има раст на цените на бензините и во Македонија, но, сепак, крајниот исход зависи и од движењето на доларот. Поради ова многу е рано да се прогнозира како ќе се движат цените на нафтените деривати во иднина, а дополнително е тешко да се прогнозира бидејќи не знаеме што ќе се случува на светските берзи – посочува Марко Беслимоски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика на Македонија.

Инаку, цените на нафтата пораснаа по ракетниот напад во Иран, како и поради стравувањата од војна со САД. Како што пишуваат светските медиуми, цените на европските и на американските берзи пораснале за дури 4 отсто, веднаш по самиот напад.

Според „Гардијан“, цените на нафтата се зголемиле и по иранскиот ракетен напад врз американските и коалициските воени бази во Ирак.
– Стравувањата од војна ги погодија берзите низ Азија, а дополнително размената на берзите во Австралија падна околу 1 отсто, но повторно порасна. Меѓународните тензии се зголемуваат и поради постојните економски стравови подгреани од случувањата во Австралија, која се бори со смртоносни и скапи пожари – пишува „Гардијан“.

Сепак, економските експерти нагласуваат дека нема недостиг од нафта на светскиот пазар, ниту пак се очекува да има, но не ја исклучуваат опасноста да се јави недостиг од нафта доколку се влоши ситуацијата.
Генералниот секретар на Здружението на нафтени компании од Србија, Томислав Мишовиќ, посочи дека засега ништо не укажува на драматичен пораст на цените на нафтата во наредниот период.

– Кога станува збор за економски параметри, може многу да се предвиди, сепак тензиите од типот на овие што се појавија деновиве се нешто што не можеме да ги предвидиме – рече Мишовиќ.
Тој истакна дека досегашните предвидувања се дека нема да има недостиг од нафта на светскиот пазар.
– Америка постави голем број бариери за намалување на присутноста на иранската нафта на светскиот пазар, иако овие бариери засега Иран успешно ги заобиколува, а има и земји што ги игнорираат овие бариери, иако е можно да се соочат и со санкции, така што иранската нафта засега се продава.

Поголем проблем може да настане ако бидат прекинати сите начини за пласирање на иранската нафта на светскиот пазар или, пак, на регионалната нафта од Ирак, Кувајт и ако Иран има посериозен проблем со транспортот. Тогаш снабдувањето со големи количества нафта ќе биде проблематично – објаснува Мишовиќ. Според него, не треба да се очекува веднаш цената да се зголеми на нафтата, бидејќи во секоја држава има резерви што можат да го намалат недостигот во одреден период.


Во Македонија поевтинување од половина денар

Цените на бензините и на дизелот од ноќеска на полноќ ќе се намалат за половина денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика. Малопродажните цени на бензините еуросупер 95 и еуросупер 98, на еруродизел и на екстра лесното масло за домаќинство се намалуваат за 0,50 денари за литар. Малопродажната цена на мазутот се зголемува за 0,305 денари на 38,548 денари за килограм.