На Македонија и треба децентрализација што ќе ја отсликуваат финансиски стабилни општини. Со тоа, во овој момент, воопшто не можеме да се пофалиме. Мораме да ги преиспитаме сегашните позиции на локалната власт, надлежностите што ги имаме, средствата што ги добиваме за нивна реализација и сериозно да ги утврдиме следните чекори, порачаа градоначалниците од денешната национална конференција во Скопје на која присуствуваат премиерот Зоран Заев, речиси сите министри во Владата, амбасадори и високи претставници на меѓународни организации и претставници на ЗЕЛС.

Како што беше речено, локалната и централната власт изгледаат како спротивставени страни, но во основа нивната цел е иста: обезбедување поквалитетни услови за живот на граѓаните и просперитетна држава за што е неопходно квалитетна соработка.

-Нашите заложби се единствени-продлабочување на децентрализацијата. Подготвени сме за нови предизвици, но неопходно е адекватно и стабилно финансирање за секоја досега префрлена и идна надлежност на општините. Граѓаните сакаат резултати.Тие не сакаат да слушаат за општинските долгови, кој ги направил, зошто ги направил, за нашите преговори и разговори. Тие се обраќаат кај нас и бараат сега, утре, за една година да добијат водовод, канализација, пат, градинка, чист воздух, одличен превоз, доволно канти за смет, училишни кровови кои не течат… И доколку сето тоа не успееме да го оствариме, од било која причина, со право ќе бидат незадоволни. Жално е што сме сведоци на вакви или слични, секојдневни барања од нашите граѓани, а при тоа да не можеме позитивно да одговориме на многу од нив, истакна скопскиот градоначалник и претседател на ЗЕЛС, Петре Шилегов.

Според него, крајно време е локалната власт да разбере дека е непосреден давател на услугите на граѓаните и дека таа најдобро ги знае нивните потреби и приоритети.

Премиерот Зоран Заев потенцира дека градоначалниците можат да сметаат  на соработката со Владата зашто таа, како што нагласи, е нивен пријател, голем партнер и поддршка.

За 18 месеци Владата, рече Заев, ги врати општините високо на агендата на своите приоритети. За 2019 година во  буџетот за рамномерен регионален развој се издвоени 100 отсто повеќе средства во однос на 2017 и за над 50 отсто повеќе во однос на 2018 година.

Премиерот Заев најави нови инвестиции на локално ниво кои ќе стартуваат од 2019 година.

-Ифраструктура, патишта, градинки, основни и средни училишта ќе бидат само дел од планираните проекти. Од Светска банка веќе се обезбедени 70 милиони евра за изградба на локални патишта и уште 50 милиони за водоводи и канализациски системи. Но, многу е важно општините да имаат изработено квалитетни и ревидирани проекти за да може да ги реализираат средствата, подвлече премиерот.

Амбасадорот Клеменс Која,шеф на мисијата на ОБСЕ во Скопје, рече дека мора да се дефинираат одговорностите на општините и начинот како ќе се унапреди процесот на децентрализација.

Став на ЗЕЛС е дека децентрализацијата во изминатите години не била само забавена, туку и заборавена, оптоварена со огромни наследени долгови и голем број нерешени предизвици. ЗЕЛС бара зголемување на зафаќањето од ДДВ на 10 отсто за разлика од сегашните 4,5 проценти, бара зголемување на зафаќањето од персоналниот данок на 50 отсто по примерот на поголемиот број земји од регионот и Европа, како и обезбедување адекватни финансиски средства за сите блок донации.