Фото: Дарко Андоновски

На работа во странство заминуваат само десет отсто од активните студенти во
Македонија, додека во соседните земји тој процент се движи од 17 до 25

Студентите во Македонија покажуваат мал интерес за летна сезонска работа во странство. Иако местата што ги нудат агенциите за работа во странство за ова лето се пополнети, сепак, во споредба со соседните земји, многу мал дел од македонските студенти заминуваат на работа во некоја друга земја, било да е во соседството или, пак, подалеку.

– На работа во странство заминуваат околу 10 отсто од активната студентска популација во Македонија. За разлика од кај нас, во соседните земји процентот се движи од 17 до 25 отсто од активните студенти. Ова укажува на слаб интерес од нашите студенти, и иако низ годините истиот тој се зголемува, сепак, не го достигнуваме просекот – вели Зоран Кочоски, генерален менаџер и сопственик на агенцијата „Коузон корпорација“, специјализирана за работа со млади.

Тој истакнува дека, според неговите процени, на летна работа заминуваат околу 5 илјади македонски студенти, а дека во Македонија има од 37 до 42 илјади студенти, што значи дека само 10 отсто заминуваат на летна студентска работа.
– Интересот е мал, особено во споредба со процентот во соседните земји каде што од активната студентска популација дури 17 до 25 отсто работат. Тоа, според мене, е голем недостаток, бидејќи на овој начин младите стекнуваат здрави работни навики, од кои подоцна ќе имаат корист при барањето работа, во Македонија или во странство – истакнува Кочоски.

Тој објаснува дека за ова лето одамна се пополнети местата за програмата „Работи и патувај“, бидејќи за истата таа пријавувањето почнува уште од 2017 година. Кочоски додава дека младите покажуваат голем интерес за работа во странство, особено во Соединетите Американски Држави и во Германија, но исто така бараат работа и во некои од туристичките дестинации како Малта, Црна Гора и Хрватска.
– Повеќето од студентите работат сезонски работи и тоа во туристичките локации како Малта, Црна Гора, Хрватска, Бугарија и Грција. Годинава од Македонија за Хрватска заминаа 2.000 лица, колку што изнесува квотата од нивното министерство – кажа Кочоски.

Тој додава дека од работните позиции што се нудат во странство најголем дел се угостителски сезонски работни места.
Студентската работа во странство според одредбите на државата каде се практикува најчесто е во рок од 3 до 5 месеци. Во Германија студентска работа може да се бара само на три месеци, додека во САД и до 5 месеци за време на летните распусти, кога студентите немаат обврски со факултетот што го изучуваат.
– Во последниве години се забележува раст на индивидуалните организации. Младите сѐ почесто сами си бараат работа во странство, односно заминуваат сами и таму бараат работа, било да е тоа некоја од европските земји или, пак, во САД – додава Кочоски.

Претставниците на агенцијата „Америквест“, пак, велат дека интересот за работа и студирање во странство е голем.
– Нашата агенција не работи како агенција за посредување при вработување во странство, туку ние работиме исклучиво со програми за културна и образовна размена на студенти и млади. Како и претходните години, така и оваа година интересот што младите го покажуваат е голем – велат од „Америквест“.

Оттаму посочуваат дека најголем дел од програмите што им ги нудат на студентите се за престој во САД. Поконкретно, на пример, за програмата „Работа и патување“, повеќето од работните позиции се во областа на угостителството и туризмот, поточно во хотели, ресторани, забавни паркови и слично. Додека за програмата „Работа и стажирање“ позициите се во областа на студиите на кои е запишан или, пак, веќе ги завршил студентот што аплицира.

– Вообичаено, студентите работат од 32 до 40 часа неделно, но честопати некои од нив практикуваат и втора работа со скратено работно време – додаваат од „Америквест“.
Студентите се со различни ставови околу придобивките од студентската работа, секако, врз основа на своето лично искуство.

– Првата година кога бев на работа во САД, бројот на работни денови беше многу мал и одвај успевав да ги покријам трошоците, па по долги натегања со претпоставените, успеав некако да добијам повеќе работни денови. Тоа не беше воопшто пријатно искуство. Следната година заминав преку друга агенција и состојбата беше многу подобра. Како што беше договорено, имав полно работно време во туристичко одморалиште, и сместувањето и дел од храната ми беше во одморалиштето. Дополнително, повремено работев уште една работа со скратено работно време. Благодарна сум за искуството што го стекнав, видов навистина убави работи – вели студентката Магдалена Стојмирова.