Од Стопанската комора на Македонија очекуваат 10 до 15 компани да поминат конкретна теоретска обука, а во пет да бидат спроведени таканаречени индивидуални инхаус-обуки во следниве два месеца

Странски инвеститори, во најголем дел од автомобилската индустрија, имаат пројавено интерес за соработка со македонските компании, на кои, пак, им се потребни поддршка и помош да ги развијат своите потенцијали за креирање нови производи и услуги и за воведување нови технолошки процеси за да може соработка со странските компании да се оствари.

– Странските инвеститори беа прашани што би им требало како услуга од македонските компании. Потоа имаше консултации со домашните компании, во најголем дел од електрометална и метална индустрија, затоа што странските инвеститори што изразија интерес за соработка се претежно од автомобилската индустрија, кои кажаа каде мислат дека можат и имаат потенцијал да соработуваат со странските инвеститори – рече на вчерашната прес-конференција Јадранка Аризанковска од Стопанската комора на Македонија.

Таа додаде дека комората ги споила домашните и странските компании, а во меѓусебни разговори тие одредиле кои се компаниите од Македонија со кои можат да почнат некаква соработка. Притоа, рече таа, било посочено оти на домашната компанија ѝ требаат поддршка и помош за градење капацитети за да може да се реализира соработката.

Од комората очекуваат 10 до 15 компани да поминат конкретна теоретска обука, а во пет да бидат спроведени таканаречени индивидуални инхаус-обуки во следниве два месеца.

– Проектот треба да резултира со пет компании што ќе склучат договори за одредена соработка за нов производ или услуга што домашните компании можат да ја испорачаат – рече Аризанковска.

Според анализите на комората, македонските компании имаат потреба од поддршка во делот на креирање нов производ, воведување нови технолошки процеси или преструктурирање на веќе постојните, воведување стандарди што ги бараат странските компании, но и нови менаџмент-решенија и техники.

Аризанковска истакна дека приватниот сектор нема многу можности за користење средства од ЕУ-фондови. Затоа, како што рече таа, Стопанска комора вложува големи напори во едуцирање на компаниите за тие да можат сами да аплицираат за овие фондови.

– Само две-три компании од Македонија и тоа од делот на роботиката и нанотехнологијата успеале да направат проекти со кои добиле средства од програмите „Хоризонт 20/20“ и „Косме“. Од приватните ИПА-компании сѐ уште немаат можност да користат средства, освен преку ИПАРД – појасни Аризанковска.