Фото: Игор Бансколиев

Претставниците на извозните компании посочуваат дека тешкотиите со кои се соочуваат изминативе месеци поради пандемијата значително влијаат врз нивната работа и дека Владата би требало да размисли и да преземе чекори и за нивна поддршка како компании што влијаат врз извозните параметри, но и како компании што имаат голем број вработени

Одолжувањето на корона-кризата уште повеќе ги влошува економските параметри на државата. Статистичките податоци покажуваат значителен пад на сите елементи, особено кај извозот, кој има пад од 24 отсто во првите шест месеци од годинава во споредба со минатата година. Сѐ повеќе области од економијата покажуваат лоши резултати во работењето, но она што особено загрижува е опасноста од понатамошно траење и ширење на ковид-19, што, пак, ќе значи уште полоши економски резултати.
Во изминатите месеци Владата презеде неколку пакети на мерки што целеа кон поддршка на економијата, пред сѐ на првично погодените туристички, транспортен и угостителски сектори, за понатаму во мерката за минимална плата да бидат вклучени и компаниите од други сектори.

Се натрупуваат резерви, но и загуби

Сепак, претставниците на извозните компании посочуваат дека тешкотиите со кои се соочуваат изминативе месеци поради пандемијата значително влијаат врз нивната работа и дека Владата би требало да размисли и да преземе чекори и за нивна поддршка како компании што влијаат врз извозните параметри, но и како компании што имаат голем број вработени.
– Апсолутно се потребни мерки за поддршка на извозниците. Она што ние како компании имавме право да го користиме е од пакетот мерки за поддршка или исплата на минимална плата. Со оваа мерка бевме ставени во иста кошница со кафулиња, спортски обложувачници, а ние не сме од ист калибар. Апсолутно има потреба од поддршка на извозните компании, особено на големите извозни компании, без притоа да ги делиме на стрaнски и домашни – вели Виктор Мизо, претседател на Асоцијацијата на странски компании со технолошки напредно производство.
Податоците покажуваат дека проблеми со извозот имаат сѐ повеќе компании и дека тие натрупаат резерви поради корона-кризата и рестриктивните мерки, а стравуваат дека од септември состојбите би можеле да бидат уште полоши.

Винската индустрија пред колапс

Претставниците на здружението „Вина од Македонија“ (ВОМ), во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино од земјава, истакнуваат дека домашната винска индустрија трпи огромни штети и нагласуваат дека е неопходна поддршка од државата за да се спречи колапс.
– Пандемијата на ковид-19 предизвика сериозни нарушувања на глобалниот вински пазар, а истовремено направи и огромни штети врз македонската винска индустрија. Податоците на ВОМ покажуваат дека кризата поради ковид-19 предизвика пад на продажбата на вино на домашниот пазар и до 80 проценти, пред сѐ поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор, каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на амбалажирано вино. Дополнително, обидите на големите производители на вино од Италија, Шпанија и од Франција да се ослободат од големите резерви предизвикаа намалување на цените на виното на клучните извозни пазари, особено на наливното, за повеќе од 40 проценти, што креира дополнителен притисок за намалување на цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и намалување на вкупниот девизен прилив од извозот на вино – посочуваат од здружението.

Оттаму додаваат дека драстичното намалување на продажбата на вино на домашниот пазар и намалувањето на цените на виното на главните извозни пазари сериозно ја влошиле финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници. Тоа, како што велат, ги доведува во прашање и редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата.
– Производителите на вино, а особено извозниците на наливно вино се соочуваат со големи ценовни притисоци на светско ниво. Дополнително, намалената побарувачка, како на домашно така и на светско ниво, влијае и на потребите од количества грозје, со што се става под знак прашалник откупот на целата реколта. За да се избегне целосен колапс на македонската винска индустрија и лозарство, здружението иницира средби со претставниците на надлежните институции на кои беа презентирани конкретен сет мерки што треба да обезбедат вистинска поддршка и поттик за целокупниот македонски вински сектор, по примерот на мерките за поддршка што ги применуваат владите во другите земји големи производители на вино. Но, и покрај презентираните аргументи, Владата досега не донесе одлука во врска со ова прашање – посочуваат од ВОМ.
Македонската винска индустрија обезбедува годишен извоз од околу 50 милиони евра, како и работа и социјална сигурност за околу 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби.

Извозот како фактор за поддршка

Сите извозни компании ги чувствуваат овие и слични проблеми.
Професорот Абдулменаф Беџети за „Нова Македонија“ посочи дека било очекувано да се намали побарувачката од странство поради пандемијата и состојбата да се одрази врз извозот. Истакнува дека состојбите допрва ќе ги почувствуваат компании од повеќе области, особено поради фактот што е намалената побарувачка од Германија.
– На прв поглед излегува дека нема конкретни мерки дизајнирани за извозните компании, ама не значи дека се запоставени целосно. Вториот столб од третиот пакет предвидуваше финансиска поддршка (евтини кредити), што може да бидат од корист за поддршка на ликвидноста на извозно ориентираните компании. Но, сепак, мислам дека имаше простор поблиску да се цели и на извозот како фактор за поддршка и покрај тоа што за ваква ад хок поддршка се потребни поголеми ресурси за кои има мал потенцијал. Веројатно и поради тоа е запоставен секторот – објаснува Беџети.

Упатените во работењето на извозните компании посочуваат дека државата неизбежно мора да се погрижи за спас на овие компании, бидејќи истите тие имаат можност побрзо да ја придвижат економијата и истите тие значително повеќе придонесуваат во буџетот, со оглед на извозната активност, како и поради фактот што тие вработуваат многу поголем број работници.
Само со директна помош на извозните компании што ја влечат економијата напред може да се очекува да се подигне и спаси целата економијата. Со една сериозна финансиска инјекција домашните компании ќе станат поконкурентни и полесно ќе се справат со предизвиците.