Фото: Игор Бансколиев

Од анализата на податоците на Државниот завод за статистика за август 2021 година, забележани се драстични ценовни разлики кај продуктите во малопродажба. Тие упатуваат на заклучок дека градовите Штип и Велес се меѓу оние со пониски цени (и каде што трошоците за живот се помали). Од друга страна, Охрид, како препознатлив туристички центар, и Тетово имаат повисоки цени од поголем дел од градовите во земјава…

Сѐ позабележителна појава на ценовни разлики за исти производи во малопродажба

Невообичаено големи разлики во цените на одредени продукти во малопродажба се забележуваат низ градовите во земјава. Анализите покажуваат дека во градовите низ нашата држава кај исти производи има разлика во цените, кои достигнуваат и по сто денари за килограм продукт. Од анализата исто така се заклучува дека Скопје иако е најнаселен град, сепак, не е најскап кога станува збор за прехранбените продукти.

Штип и Велес со пониски цени, Охрид и Тетово со повисоки

Ценовните разлики кај продуктите во малопродажба, од анализа на податоците на Државниот завод за статистика за август 2021 година упатуваат на заклучок дека градовите Штип и Велес се меѓу оние со пониски цени или каде што трошоците за живот се помали, но има исклучоци. Од друга страна, Охрид, како препознатлив туристички центар, и Тетово имаат повисоки цени од поголем дел од градовите во земјава. Сепак, мора да се спомене дека цените варираат од град во град, па се случува еден продукт, на пример во Штип, да е поскап отколку во другите градови, но поголем дел производи таму се поевтини. Зачудува податокот што тетрапак млеко со масленост 3,2 отсто, или најкористеното млеко во земјава, се продава со различни цени, па, така, тоа е најевтино во Велес, каде што чини 51,49 денар, додека во Струмица се продавало по цена од 55 денари.
Традиционалното македонско гравче најевтино е во Штип и чини 131 денар по килограм, додека најскапо го плаќаат жителите на Тетово, по цена од 172 денари, иако токму овој регион некогаш важеше за производител на најквалитетен грав.
Експертите укажуваат дека одредени производи се поевтини во помалите населени места, што, според нив, е резултат и на малата популација, но и на слабата куповна моќ на жителите.
– Постојат повеќе причини зошто низа производи и услуги се поевтини во помалите места во споредба со поголемите. На луѓето (особено во поголемите градови) не им е логично да биде така, но во услови на постоење на нееднаквост по низа основи, токму „логично“ е да е така. Различна е куповната моќ на граѓаните во помалите и поголемите места, па тоа создава разлики во цените. Улога играат и трошоците за изнајмување одреден простор, како и висината на платите за работниците. Исто така, фактор е дистанцата од местото на производство до местото на продажба, па, така, местата што се блиску до земјоделските региони имаат пониски цени на земјоделските производи – објаснува економистот Здравко Савески.

Фактори што влијаат за цените на продуктите во малопродажбата

Според инволвираните во домашното земјоделско производство, цените на продуктите во малопродажба не зависат само од производителите. Тие појаснуваат дека формирањето на финалната цена по која одредени производ го купува крајниот потрошувач е детерминирано од повеќе фактори.
– Висината на цените на некои продукти не зависи само од земјоделците, од самите производители, туку и од пазарот, што се нуди во моментот, колкави количества има, но и од цените во соседството. Ако има поскапување во соседството, тогаш и во Македонија ќе растат цените. Разликите меѓу градовите пред сѐ мислам дека се должат на маржата на трговците и на откупувачите. Додека откупците им ги урнисуваат цените на земјоделците, тие потоа ги продаваат производите по многу повисоки суми поради трошоците за транспорт, поради калирање на продуктите, трошоци за вработени и други давачки. Дополнително што и трговците пресметуваат своја маржа за да имаат заработка од продажбата – објаснува Љупче Станковски, претседател на здружението на земјоделци „Агрофаланга“.
Досегашните истражувања на повеќе невладини организации или здруженија покажуваат дека иако имаме Стратегија за регионален развој, сѐ уште не се постигнати позитивни резултати во намалувањето на разликите во развојот на регионите во земјава. Скопскиот Регион се извојува како најразвиен, што наметнува потреба од подоследна примена на плановите за рамномерен регионален развој. Упатените укажуваат дека е неопходно зајакнување на административните капацитети на надлежните институции и на централно и на локално ниво за рамномерен развој, но и политиките да бидат транспарентни, правични и ефективни.

Стагнација на политиките за рамномерен регионален развој

Економистот Савески укажува дека досега земјава потфрли во спроведувањето на политиките за рамномерен развој.
– Сите власти во Македонија катастрофално потфрлија во поглед на рамномерниот регионален развој овие 30 години. Но нерамномерниот регионален развој е типичен резултат за една земја од периферијата на капитализмот и големо прашање е дали може да имаме рамномерен регионален развој. Поединечната трка по профит креира колективен проблем на нерамномерен регионален развој – укажува Савески.
Пролетва беше изгласана нова стратегија за регионален развој 2021-2031, со која, во согласност со најавите на надлежните, се утврдени принципите и приоритетите за регионален развој, но и мерките и средствата за реализација.
– Овој долгорочен плански документ е важен за рамномерен и одржлив развој на целата територија на Македонија, заснован врз моделот на полицентричен развој, подигнување на квалитетот на животот на сите граѓани, зголемување на конкурентноста на планските региони преку јакнење на нивниот иновациски капацитет, ревитализација на селата и развој на подрачјата со специфични развојни потреби и поддршка на меѓуопштинската и прекуграничната соработка на единиците на локалната самоуправа во функција на поттикнување рамномерен регионален развој – објасни министерот за локална самоуправа, Горан Милевски.