Фото: Маја Јаневска-Илиева

Зголемен е бројот на граѓани кои заработиле повеќе кај праговите од 10 и од 100 милиони денари, и покрај економската криза поради пандемијата, според пресекот на годишните даночни пријави што го соопшти директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска.

Најмладиот милионер во Македонија е роден 2013 година, а минатата година остварил добивка од милион денари од закупнина, според годишните даночни пријави. Најстариот милионер, пак, минатата година имал 96 години и инкасирал 4,5 милиони денари, исто така од закупнина.

Анализата на даночните пријави во УЈП покажува дека вкупно 11 граѓани пријавиле бруто доход од над 100 милиони денари или 1,6 милиони евра минатата година, додека 557 граѓани заработиле меѓу 10 и 100 милиони денари, а 40 илјади имале бруто доход од еден до десет милиони денари. Најголемиот број на граѓани, 616 илјади, пак, имале бруто плата од 100 илјади до еден милион денари во 2020 година.

Адвокати, нотари, извршители, угостители, електроинсталатори и производители на амбалажи од хартија се меѓу 10-те граѓани кои оствариле најголема добивка минатата година. На врвот на листата се наоѓа скопјанка која пријавила бруто доход од 453,1 милион денари, што е двојно повеќе од прворангираниот во 2019 година. Највисоката годишна бруто плата од 105,2 милиони денари пријавил стружанец кој е во индустријата со метали.

Највисоката капитална добивка изнесува 151,6 милиони денари, а станува збор за скопјанец кој продал сопственички удел, додека највисока дивиденда од 306 милиони денари добил скопјанец кој е сопственик на бизнис од секторот трговија со моторни возила. Највисок приход од закуп на имот од 50 милиони денари пријавил жител на Скопје.

Во 2020 година најголем број на годишни даночни пријави добија статус на автоматски потврдени, односно 593 илјади пријави.