Фото: Игор Бансколиев

Од јули до септември

Во третото тромесечие од годинава во Македонија имало 8.595 слободни работни места, објави Државниот завод за статистика. Најголем број на слободни работни места, 2.550 на број, имало во групата занимања Работници во услужни дејности и продажба. Потоа следуваат од групата Техничари и сродни занимања, каде имало 1.448 слободни работни места, додека, пак, 1.167 места имало за Занимањата ракувачи и составувачи на постројки.

Недостигале и 1.144 службеници, како и 829 стручњаци и научници. Потоа, 776 слободни места имало кај занимањата за неиндустриски начин на работа во производството, а недостигале и 643 работници за групата која се води како Елементарните занимања. Во третото тромесечие фалеле и 43 стручни работници во земјоделството, шумарството, рибарството и ловот.
Само 15 слободни работни места има кај занимањата Членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори.

Пополнети биле точно 500.145 работни места. Тоа значи дека стапката на слободни работни места изнесува 1,69 отсто.

Највисока стапка на слободни работни места (3,32%), или поточно 730 на број, имало во секторот Административни и помошни услужни дејности. Најмала, пак, е стапката во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, во кој биле слободни 16 работни позиции.

Деловните субјекти со број на вработени од 10 до 49 имаат највисока стапка на слободни работни, а по региони најмногу слободни работни места имало во Југоисточниот регион.