Од половина до две третини од вработените во земјава се подвработени, односно се на несоодветни работни позиции во однос на своите квалификации, работат помалку часови или добиваат помала плата, што е особено изразено во приватниот сектор, покажува анализата на истражувањето „Високообразовани, а нископлатени: Вработеност на младите“ што изминатите две години го споровел Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“.

-Резултатите покажаа дека подвработеноста негативно влијаае врз платите кои ги земаат вработените, а особено ранливи се младите лица, дека во земјава младите се најизложени на овој феномен во споредба со врсници од Србија и Црна Гора. Младите подвработени заработуваат за 14,3 проценти пониска плата од оние кои се на соодветна позиција. Резултатите покажаа и дека жените се поподложни на подвработеност, како и младите кои се со високо во споредба со оние со средно или основно образование, рече Благица Петрески од ФТ Институтот.

Неусогласенаоста на понудата и побарувачката на пазарот на труд, рече е најголема и најизразена кај високообразованите млади, а помала во јавната администрација во споредба со индустрија и услужен сектор.

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска вели дека Владата покрај напорите да отвори нови работни места, прави напори и тие да бидат поквалитетни и подостоинствени.

-Годинава го донесовме оперативниот план за вработување, во кој особен фокус се младите. Битен елемент е и практиканството како носечка алка, со цел тие да се стекнат со знаења и вештини за да бидат поконкурентни на пазарот на труд доколку се невработени, но и доколку се подвработени или работат нешто што сметаат дека треба да се промени, да се квалификуваат за места каде ќе добијат соодветна плата или плата која мислат дека треба да ја заработат – рече Царовска.

Таа потсети дека и годинава продолжува со реализација Младинската гаранција, за што се издвоени повеќе средства од лани, и од три града сега е проширена во три региони, а треба да опфати 9.000 млади.

Дијана Десподов од Американската стопанска комора смета дека во земјава постои парадоксална ситуација – од една страна подвработеност и невработеност, а од друга страна недостиг на соодветен кадар.

-Тука има неиспегланост на понудата и побарувачката. Кадри кои не му се потребни на приватниот сектор – рече таа.

Затоа, вели треба да се обрне внимание дека образованоста и остручувањето се различни, дека со завршување на образованието, не се завршува учењето, туку дека е потребно остручување. Исто така, додава, треба да се обрне внимание на глобалните економски текови со неформални начини на вработување, работа од далечина, „фриленсинг“, онлајн активности, како и да се размислува за законска рамка за формализирање на тие начини на работа.