Преку Портата за иновации на Народната банка согледуваме дека финтек-компаниите се заинтересирани за развивање и понуда на нови услуги во платежната сфера. Тие може да го олеснат управувањето со паричните средства на компаниите, коишто се водат на платежни сметки кај повеќе даватели на платежни услуги, преку следење во реално време на состојбата и извршените трансакции. За таа цел, ќе требно да се воведе концептот на т.н. „отворено банкарство“, којшто подразбира воспоставување стандарди за отворена и сигурна комуникација. Народната банка работи на изготвувањето соодветен подзаконски акт со кој ќе се пропишат стандардите за отворена и сигурна комуникација, усогласен со стандардите коишто се применуваат во Европската Унија.

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, на панел-дискусијата „Долгорочни можности: Економски и правни аспекти на регулативата за инвеститорите во РСМ“, на виртуелниот национален настан во рамките на Светската недела на инвеститорите т.н. бизнис-ангели, којшто се одржа вчера, во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија и Светскиот инвестициски форум на бизнис-ангелите.

Нацевска меѓу другото се осврна на придобивките од залагањата на финтек-компаниите за олеснување на плаќањата и преносот на средства, преку понуда на иновативни решенија за дигитализација на платежните услуги.

– Со користењето на иновативните решенија на финтек-компаниите, во иднина граѓаните ќе можат полесно да иницираат плаќања од своите платежни сметки коишто ги одржуваат кај банките или кај други даватели на платежни услуги, како и да добијат прегледни и корисни збирни и аналитички информации за своето потрошувачко однесување, во однос на извршените плаќања во одреден временски период преку своите платежни сметки кај различни даватели на платежни услуги – истакна Нацевска.

Резултатите од истражувањето на Народната банка, коешто го презентира Нацевска, потврдуваат дека финтек-секторот може да обезбеди поголеми можности и подобри услуги за потрошувачите и малите бизниси и може да придонесе за усогласување на финансискиот систем со најдобрите меѓународни практики.

Во своето излагање, вицегувернерката потсети и дека Народната банка, во соработка со Министерството за финансии, работи на нова регулативна рамка во платежната сфера со експертска поддршка од Европската Унија. Новата регулативна рамка ќе придонесе за побрз развој на финтек-секторот во земјата.


НБРМ: ЕК со највисоки оценки за монетарната политика

Во извештајот на Европската комисија (ЕК), во којшто на годишна основа детално се оценуваат политиките и напредокот во реформите на секоја земја кандидатка или потенцијална кандидатка за членство во Европската Унија, дадени се позитивни оцени за монетарната политика и Народната банка на Република Македонија.

– ЕК оценува дека од аспект на монетарната политика, усогласувањето со европското законодавство е во напредна фаза, а се истакнува и дека за време на корона-кризата, централната банка успеа да ја одржи финансиската стабилност, како и да овозможи простор за значителна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите. Во извештајот се нагласува и исклучителната важност на независноста на централната банка – соопшти Народната банка.

„Целосно независна институција, ослободена од мешање од други власти, е од витално значење за остварувањето на улогата на централната банка, како гарант за монетарната и финансиската стабилност“, стои во извештајот.

Од ЕК оценуваат дека за време на кризата предизвикана од ковид-19, централната банка успеала да ја одржи финансиската стабилност и да овозможи значителна кредитна поддршка за граѓаните и за компаниите. Се наведува дека Народната банка ја намалила основната каматна стапка на историски најниското ниво од 1,25 отсто, со што ја ослободила потребната ликвидност во стопанството заради поттикнување на економската активност. ЕК посочува и дека монетарната политика е соодветна на макроекономските услови, а во извештајот се истакнува и трендот на раст на кредитната поддршка.

Во извештајот се наведува дека покрај тоа што го поддржува тековното економско закрепнување, монетарната политика внимателно ги следи и зголемените инфлациски притисоци.

Во поглавјето за статистиката, посебна оцена е дадена за статистиката во надлежност на централната банка. Европската комисија напоменува дека Народната банка ѝ е целосно посветена на примената на кодексот на статистичките стандарди и дека го подобрува својот капацитет за нивно постојано спроведување во своето работење. Како особено достигнување е издвоен фактот дека во областа на статистиката за финансиските сметки, Народната банка за првпат ги објави годишните податоци за финансиските сметки и редовно ги доставува податоците до Евростат, со подобрена методологија и покривање за одредени финансиски инструменти. Во однос на статистиката за билансот на плаќања и за директните странски инвестиции (СДИ), од ЕК нагласуваат дека Народната банка ја изготвува според најновите стандарди.

Во извештајот се бележи и дека Законот за платежни услуги и платни системи, чија цел е усогласување на домашното со европското законодавство, влезе во владина процедура, како и тоа дека Народната банка е во напредна фаза на подготовка на подзаконските акти. Исто така, истакнато е дека Народната банка оствари напредок и во спроведувањето техничка анализа и откривањето фалсификувани пари, преку нови методолошки алатки, како и навремена размена на податоци со националните и меѓународните институции.