Растот на економијата во 2019 година, во согласност со априлскиот циклус проекции, ќе достигне 3,5 проценти, се вели во соопштението од Народната банка објавено по редовната седница на Комитетот за оперативна монетарна политика.

– Во однос на најновите макроекономски показатели, според објавените проценети податоци за БДП, економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, со реална годишна стапка на раст од 3,1 проценти (4,1 проценти во првиот квартал). Растот е движен од домашната побарувачка, при натамошен раст на личната и јавната потрошувачка и на бруто-инвестициите, додека нето-извозот има негативен придонес. Во првата половина од годината, растот на БДП изнесува 3,6 проценти и е малку поумерен од очекуваниот за овој период од годината – се вели во соопштението од Народната банка.

Понатаму се наведува дека остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1 процент, при што растот на цените е помал од очекуваниот.

– Наедно, очекувањата за движењето на странските цени, кои влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 процент засега се оценуваат како претежно надолни – се наведува во соопштението.