Народната банка ги отфрла како целосно неточни обвинувањата на Трифун Костовски, еден од доминантните сопственици на Еуростандард банка АД Скопје – сега во стечај, упатени кон Народната банка и нејзиното раководство.

– Народната банка е независна институција и во своето постапување се води исклучиво од законите, кои еднакво важат за сите. Kако регулатор и супервизор на банкарскиот систем, не смее и нема да дозволи банка да работи спротивно на законот, со тоа доведувајќи ја во прашање и стабилноста на целиот банкарски и финансиски систем. Секоја слаба алка во системот мора да се санира или доколку тоа не е можно, мора да се отстрани од системот за да нема негативни ефекти врз преостанатиот дел од финансискиот систем.

Со оглед на тоа што сопствениците на Еуростандард банка не ја исполнија својата законска обврска за докaпитализација на банката, единственото што Народната банка остануваше да го направи за да се заштити билансот на банката од натамошно влошување беше да ја исполни својата законска обврска и да ја укине дозволата за основање и работење на Еуростандард банка АД Скопје и на тој начин да им ги стави средствата и имотот на располагање на доверителите – се вели во соопштението.

Според Нароната банка, на преземањето на ваквата мерка претходела интензивната комуникацијата со сопствениците, во која Народната банка постојано укажувала на сериозноста на состојбата во која се наоѓаше Банката и инсистирала на итна докапитализација потенцирајќи ги јасно последиците од неисполнувањето на нивната законска обврска за санација на банката со дополнителна уплата на капитал.

– Уште еднаш нагласуваме дека во согласност со своите законски надлежности Народната банка ги има преземено сите соодветни мерки, вклучително и законската обврска за поднесување кривична пријава за предизвикување стечај и штета на доверителите на Еуростандард банка АД Скопје, со предлог за преземање и други мерки за натамошна заштита на интересите на доверителите.
Потсетуваме дека како и секогаш досега Народната банка е постојано достапна за одговор на прашањата кои се предмет на интерес на јавноста, а се во нејзина надлежност, притоа придржувајќи се до законската и подзаконската регулатива – се вели во соопштението.