Фото: Маја Јаневска-Илиева

Одлуката за натамошно монетарно олабавување, односно за намалување на основната каматна стапка, е донесена во услови на стабилни движења на девизниот пазар, умерена и стабилна динамика на инфлацијата, како и постојан раст на депозитите во банкарскиот систем. Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска.
– Очекуваме дека овој чекор ќе придонесе за намалување на цената на финансирање на домаќинствата и претпријатијата преку кредитите од банките, заради полесно надминување на кризата – нагласува Нацевска.
Таа додава дека досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на Народната банка.
– Секако, не можеме да очекуваме брза реакција, односно вообичаено е потребно извесно време за да можат банките да ги направат соодветните приспособувања и во своите каматни стапки. Но би напоменала дека финансискиот сектор е мошне важен посредник во успешното одржување на стабилноста на домашната економија во тековната криза и во поттикнување на економскиот раст – посочува Нацевска.
Според неа, засега, и покрај неизвесноста од здравствената криза, тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски параметри во однос на очекувањата.
– Сведоци сме дека дојде до повторно влошување на епидемиолошката ситуација, што услови враќање на дел од рестриктивните мерки, како во глобални рамки, така и кај нас. Сепак, треба да имаме предвид дека мерките и натаму се помалку рестриктивни од оние што беа преземени во вториот квартал од минатата година. Во моментов тешко е да се процени дали тие ќе предизвикаат поголема промена на нашите очекувања за економскиот раст.

Секако дека сме свесни за непредвидливоста со која се соочуваме, бидејќи оваа криза по својата генеза е од неекономски карактер. Токму затоа правиме и алтернативни сценарија, во кои ја нагласуваме исклучително високата неизвесност околу ефектите од продолжената здравствена криза врз економијата – вели Нацевска.
Меѓу другото, вицепремиерката објаснува дека централната банка има инструменти за дополнителна реакција доколку е потребно.
– Како и секоја друга централна банка, располагаме со портфолио на инструменти преку коишто можеме да дејствуваме за да се обезбеди ликвидност во системот – истакнува Нацевска.
Таа напоменува дека одлуките што ги има донесено Народната банка за поддршка на економијата во справувањето со кризата засега даваат добри резултати, а состојбите будно се следат.