Екстремно високите и натпросечни температури што ја зафатија земјава се загрозувачки за сите земјоделски култури, кои целосно ја дехидрираа почвата, а недостигот од вода за наводнување дополнително ја влоши состојбата. Според агрометеоролозите, малата промена на времето, која се очекува на крајот од оваа недела, со пад на температурите за два до четири степени, е незначителна за ваква екстремно загреана атмосфера. Тие им препорачуваат на земјоделците да ги искористат сите можни капацитети за наводнување, за да спасат барем дел од производството.
– Загрозени се сите култури, и пролетните окопни и индустриски, градинарските, но и овошките и виновата лоза како повеќегодишни култури, особено оние каде што нема никакви услови за какво било наводнување. Ваквите временски услови со екстремно високи, натпросечни температури што се одржуваат многу долг период претставуваат апсолутно најнеповолна агрометеоролошка состојба во период кога голем дел од земјоделските култури се наоѓаат во интензивна вегетација – нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.