Министерството за финансии попладнево оцени дека издавањето подолгорочни хартии од вредност како денешната 30–годишна државна обврзница ја подобрува структурата на јавниот долг и го намалува ризикот за рефинансирање на долгот.

– Ако пред само неколку години сумата на издадените краткорочни хартии од вредност, таканаречени државни записи, беше неколкукратно повисока од долгорочните, сега таа состојба е драстично променета. Така, ако во март 2012 година 92 проценти од издадените државни хартии од вредност биле краткорочни, а 8 проценти се со поголема рочност, во март 2018 овој сооднос е 40 проценти краткорочни наспроти 60 проценти долгорочни хартии од вредност – укажуваат од Министерството за финансии.

Оттаму посочуваат дека до издавањето на првата 30-годишна обврзница, државна хартија од вредност со највисока рочност била 15-годишната обврзница, односно со двојно покусо време за враќање на средствата.

– Подготвеноста на инвеститорите да инвестираат во новиот инструмент укажува на доверба како во фискалната политика, така и во иднината на државата – велат од ресорното Министерство.

Според министерот за финансии Драган Тевдовски, безусловната препорака за почеток на преговори за членство во ЕУ, добрата фискална политика и подобрувањето на изгледот на кредитната агенција „Фич“ за Македонија, доволно говорат за патот по кој се движи државата.

– Врз основа на сето ова може да излеземе на пазарот со инструмент како 30-годишна државна обврзница, кој укажува на силна доверба од инвеститорите – истакна денеска министерот Тевдовски.

Македонија, покрај Словенија, е единствената земја во регионот која издала 30-годишна обврзница. Најблиску до оваа рочност во регионот дошле членките на Европската унија – Бугарија која издала 20-годишна обврзница и Хрватска, каде најдолг рок на кој е издадена државна обврзница е 13 години. Обврзници со достасување од 30 години имаат земји како Германија и САД. Обврзница со највисока рочност има издадено Австрија, односно 100-годишна обврзница.