Градинка, јавни објекти, водоводна мрежа, локални патишта се некои од капиталните инвестиции што се реализирани изминатата година, преку Проектот за подобрување на општински услуги што го спроведе Министерството за финансии (МФ).
Според овие информации, публикувани во согласност со податоците на проектната единица во Министерството, од јуни 2017 до јуни 2018 година, реализирани се 72 капитални проекта во 41 општина, само преку овој проект.

– Измината година, илјадници граѓани во Македонија добија подобри услуги од својата општина. Тоа се десетици километри нови или реконструирани локални улици, изградена или реконструирана водоводна мрежа, реконструирани речно корито, градинка, културен дом, општинска зграда… Децата од Зрновци добија градинка, граѓаните во Чешиново-Облешево, Гази Баба, Пласница и Сливница водоводна мрежа, а граѓаните во повеќе општини имаат подобри локални улици и патишта. Ова се реални проекти, со реални вредности за граѓаните – истакна министерот за финансии Драган Тевдовски.

Во меѓувреме, проектот е поддржан од Светска банка со вкупен фонд од 81,1 милион евра и средства од ИПА-грант за рурален развој од ЕУ во износ од 14,6 милиони евра.
– Подобри услуги кон локалното население е задача на локалните власти во Република Македонија. Водоснабдување, комунални услуги, училишни згради – општините придонесуваат за економскиот развој на целата земја. Светска банка дава поддршка за локалните власти од 2009 година, преку Проектот за подобрување на општинските услуги, кој ги поддржува потребите на општините за инвестирање во капитални проекти – рече Марко Мантованели директор на Светска банка за Македонија.

Програмата, како што посочи тој, дава резултати не само во обезбедување средства за финансирање на капиталните инвестиции и подобрување на локалната инфраструктура, туку и во градењето на локалните капацитети.
Според Мантованели, општините треба да станат способни да се развиваат сами, да привлекуваат инвестиции и да креираат работни места преку реализација на локалните општински услуги.

– Влезот во ЕУ е задача за сите – за Владата, но и за граѓаните и општините. Општините имаат потреба од финансиски извори и инфраструктура. Со оваа програма ЕУ дава голема поддршка, на 78 од 81 општина, со основна инфраструктура од водоснабдување до третман на отпад, од училишта до улици, од рурални патишта до културни центри. Сето ова се придобивки за руралното население и за младите луѓе да останат таму – истакна Никола Бертолини, раководител на секторот за соработка на Делегација на ЕУ во Македонија.

Инаку, во следните шест месеци во рамките на овој проект ќе почне реализација на 27 нови капитални инвестиции во 22 општини.