Преработувачките капацитети во државата треба да се развиваат за да може да се зголеми откупот на домашни производи, со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје. Ова е навистина значаен сегмент што може да го поттикне и помогне развојот на нашиот аграр, затоа што нашата земја е пред закана да го изгуби во голема мера производството на храна и да остане обична суровинска
основа што ќе ја користат други. Овие факти загрижуваат, особено сега со кризата предизвикана од ковид-19, каде што ние како увозно зависна земја ќе се соочиме со поскапување, кое негативно ќе се одрази и на животниот стандард и на економијата во државата

Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ)

Иако нашата земја важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број предизвици што доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во последните години имаме десет пати поголем увоз од извоз. Без оглед што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население. И тука доаѓаме до еден своевиден апсурд. Иако бележиме зголемен извоз на овошје и зеленчук, нема зголемен извоз на готови производи. Сѐ повеќе се извезуваат раноградинарски производи (суровина или примарен производ), а многу малку преработки. Големите агрокомбинати од регионот и од други држави, на пример, од купените македонски домати и пиперки произведуваат ајвар и други продукти и ги продаваат како скап производ во Македонија. Нашата земја е пред закана да го изгуби во голема мера производството на храна и да остане обична суровинска основа што ќе ја користат други. Од друга страна, домашното производство на жита, месо, масло за јадење, млеко или шеќер, ниту оддалеку не ги задоволува потребите на населението, па Македонија мора да увезува.
За состојбите во земјоделско-прехранбениот сектор, за децениските проблеми што негативно влијаат на овој сектор и големите ценовни осцилации, како и за проблемите предизвикани од ковид-кризата, разговаравме со Билјана Петровска-Митревска, проект-менаџерка во Националната федерација на фармери (НФФ).

Македонија станува сѐ поголем увозник на храна наместо да биде извозник, дали ова ќе влијае негативно врз економијата, но и врз потрошувачите поради можен удар од ценовниот шок?
– Во 2019 година, Македонија извезе храна во вредност од 367,3 милиони евра, што е зголемување од околу 15 отсто во споредба со 2018 година. Во истиот период, пак, сме увезле храна во вредност од 670,7 милиони евра, речиси двојно повеќе од извозот. Во 2020 г. увозот на храна и живи животни е 618 милиони евра (што е мало намалување на увозот), а во 2020 г. извозот e 392 милиони евра. Најголем увоз се бележи кај месото, потоа се зеленчукот и овошјето, па потоа следуваат житата, млекото и млечните производи и шеќерoт.
Овие факти загрижуваат, особено сега со настанатата здравствена и економска криза предизвикана од ковид-19, каде што ние како увозно зависна земја ќе се соочиме со негативни влијанија врз македонската економија. Ќе следуваат поскапувања на прехранбените производи и тоа се случува секаде во регионот, па и во светот, каде што најголема штета претрпуваат земјоделците и потрошувачите. Ова е парадокс во економијата каде што имаме поскапувања на прехранбените производи, а примарните земјоделски производи се со ниски откупни цени, без разлика што и тука цените на инпутите растот, како што се нафта, заштитни препарати, ѓубрива, а пак сезонска работна сила нема или е многу скапа. За потсетување, цената на винското грозје во екот на бербата и оваа година се откупи за 10 денар по килограм, пченицата во екот на жетвата се откупи за 10-11 ден. по килограм и сега има поскапување на лебот, цената на откупот на млеко се движи по 17-20 денари за литар. Ваквите движења во земјоделството, каде што цените на откупените земјоделски производи се многу ниски во однос на цените за производство, влијаат демотивирачки врз малите земјоделци, коишто стихијно почнуваат да ги намалуваат своите површини на производство и ги напуштаат руралните средини. Овој предизвик, којшто сѐ уште е невидлив за државата, ќе се одрази негативно врз македонската економија, тргнувајќи од фактот дека земјоделството учествува со 10-12 отсто во БДП, 180.000 семејства егзистираат од земјоделството, 45 отсто од македонското население живее во рурални средини, кои зафаќаат 87 отсто од вкупната површина на државата. Од друга страна, со намалување на земјоделското производство ќе се зголемува увозот на храна во државата, цените на земјоделските производи ќе растат и тоа негативно ќе се одрази на животниот стандард на граѓаните.
Ковид-кризата ги извади на површина децениските проблеми – неискористеност на плодното земјиште, слаба конкурентност, ниска продуктивност, нарушување на пазарните синџири… Какви решенија се потребни?
– Со речиси непроменет број на обработлива површина во изминатите две децении, македонското земјоделство во 2020 година бележи 418.823 хектари ораници и бавчи и 41.252 хектари овоштарници и лозја. Структурата на македонското земјоделско земјиште во однос на земјоделските култури останува речиси иста во изминатите две децении, но таа не содejствува со производството во количество, со вредноста на земјоделскиот аутпут, ниту со степенот на искористеност на природните ресурси. На пример, површината на пасиштата и бројот на главите во сточарството покажуваат дека пасиштата кај нас се речиси половично искористени во однос на високоразвиените земји. Тоа значи дека има огромни можности за интензивирање на сточарството, зголемување на стадата и подобрување на продуктивноста на пасиштата. Од друга страна, иако со благ пораст на површините во лозарството и кај дел од овоштарството, сепак, гледано по сортимент на производството и производните технологии тешко можеме да забележиме развој во конкурентноста и зголемена продуктивност.
Посебно треба да се стави акцент на организирано производство и пласман, кои ќе им дадат сигурност на малите производители и кои се столб на нашето земјоделството. Во Македонија најголемиот дел од земјоделските домаќинства припаѓаат на групата ситни индивидуални земјоделски производители (98 отсто), при што околу 58 отсто од нив имаат фарми со големина под еден хектар или, 87,6 отсто од домаќинствата со под три хектари.
Политиките, мерките и субвенциите треба да бидат креирани во насока на јакнење на малите земјоделци, чија основна дејност е земјоделството, за да можат да произведуваат поголемо количество земјоделски производи што ќе го снабдуваат нашиот домашен пазар и да нема вишок на храна. Треба да се развиваат и јакнат синџирите за снабдување со храна од домашното производство. Токму ковид-кризата направи нарушување кај пазарните синџири, кои негативно се одразија и кај продажбата на јагнето и виното во 2020 година. Во насока да се укаже дека не смее да пропаѓа домашното производство, Националната федерација на фармери ја започна кампањата „Купувајте домашни земјоделски производи“, со цел да се истакне и поттикне зголемување на потрошувачката на домашните земјоделски производи на домашниот пазар.
Од надлежните владини институции се донесени правилници за услови и хигиена за производство и ставање во промет на храната од неживотинско и животинско потекло. Што ќе се овозможи со овие правилници?
– Овие правилници се наменети за директно снабдување, во географски или економски ограничувања, како општите и посебните барања за примена на традиционални методи на производство, преработка и дистрибуција на храна со традиционални карактеристики. Правилниците во јавноста се познати како продажба од куќен праг и Правилникот за мали винарници. На ваков начин се овозможува директна продажба на храна од фармите, со тоа што земјоделците треба да се регистрираат преку овие правилници и да се испочитуваат одделни критериуми и стандарди за производство. Од друга страна, се дава можност да се продаваат земјоделските производи не само на откупувачите (каде што е развиен проблем со нелојална конкуренција и постојат откупувачи што немаат лиценци за вршење откуп и тоа е навистина голем предизвик) туку директно да ги продаваат на потрошувачите и исто така да се прават традиционални преработки, како што се мармалади, ајвар, сирења, јогурти и слично, кои имаат додадена вредност за земјоделците. За донесување на овие правилници, Националната федерација на фармери многу лобираше и активно беше вклучена во нивното креирање, така што овој период започнува со интензивна промоција и презентација на правилниците пред земјоделците.
Како да се поттикне и помогне развој на земјоделството и јакнење на економските форми на здружување за подобро и поголемо домашно производство?
– За да може да се зборува за земјоделството како стопанска гранка што ќе се развива во духот на претприемништвото, треба да се овозможи поволна кредитна понуда преку комерцијалните банки и Развојната банка на Македонија за малите производители на храна (регистрираните индивидуални земјоделци), кои се соочуваат со проблеми со откупот и имаат вишок непродадени количества. Токму со овие финансиски средства ќе имаат можност за инвестиции во делот на подобро производство и на земјоделски производи и преработки. Потребно е Државната програма за финансиска поддршка на руралниот развој да биде насочена кон воведување нови технологии и инвестиции, кои ќе овозможат економско јакнење на земјоделците. Потоа, воведување на гарантниот фонд, кој ќе помогне во делот на искористувањето на ИПАРД-програмата, како и поголема едукација за менаџирање на земјоделските задруги, пристап до пазари и маркетинг.
Преработувачките капацитети во државата треба да се развиваат за да може да се зголеми откупот на домашни производи, со кои треба да се произведуваат домашни преработки на зеленчук и овошје. Ова е навистина значаен сегмент, кој може да го поттикне и помогне развојот на нашиот аграр. Посебно внимание треба да посвети на подобрување и одржување на земјоделската инфраструктура, во делот на патиштата, наводнувањето, одводнувањето и справувањето со климатските промени, како и почитување и функционирање на договорното производство во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој. Многу е важно креирање стратегија и мерки за приспособување на земјоделството на новите климатски услови и справување со временските непогоди. Овој сектор е особено изложен на климатските промени, кои негативно влијаат врз него. Мораме да дадеме приоритет во државата на развојот на земјоделството и руралниот развој. Во овој период треба сите заеднички да дејствуваме во земјоделскиот сектор за да можеме со здружени сили да излеземе од оваа криза. Само организирани, обединети, информирани, можеме да одговориме на предизвиците што нѐ очекуваат во насока на креирање конкурентни и профитабилни земјоделски стопанства, кои треба да обезбедат одржлив развој на нашето општество.