Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај за земјава предвидува четири проценти пад на македонската економија. Според ММФ, клучна за оваа состојба е пандемијата на коронавирусот, како и евентуалното прелевање на глобалната рецесија кон земјава.

– Економската состојба во Северна Македонија се влоши значително поради пандемијата ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за четири проценти како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови на доверба и прелевањето од глобалните финансиски канали, создаде итна потреба од платен биланс. Изборите планирани за април 2020 година се одложени, што значи дека привремената влада ќе остане на сила следните месеци – се наведува во извештајот.

Според ММФ, македонските власти реагирале брзо со привремена поддршка на фискалната политика со цел ограничување на социјалните и економски влијанија на здравствената вонредна состојба со заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување работни места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливи домаќинства.

– Народната банка на Северна Македонија ја намали основната камата за да се охрабрат банките да ги реструктуираат долговите. Властите исто така изразија силна посветеност за зачувување на монетарната, надворешната и финансиската подготвеност за преземање дополнителни мерки ако е потребно – покажува извештајот на ММФ.

Од таму потсетуваат дека земјава добила помош од 176,53 милиони евра за надминување на кризата предизвикана од коронавирусот.

Фондот е подготвен да ја поддржи Северна Македонија за борба против пандемијата и да помогне економијата да закрепне, се додава во извештајот за земјава.