ММФ одобри исплата на 176,53 милиони евра итна финансиска помош за Македонија како помош во справувањето со пандемијата предизвикана од ковид-19.

– Појавата на ковид-19 предизвика голем удар врз економијата на Северна Македонија. Властите брзо одговорија со насочена и привремена поддршка на фискалната политика за да се ограничи социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба, се вели во соопштението.

Во него се додава дека Извршниот одбор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри исплата на 140,3 милиони СДР, (околу 176,53 милиони евра, 191,83 милиони американски долари, 100 проценти од квотата) на Македонија во рамките на Инструментот за брзо финансирање (РФИ). Оваа финансиска поддршка ќе помогне во финансирањето на мерките за здравствена и макроекономска стабилизација, обезбедување на итните потреби на платниот биланс што произлегуваат од пандемијата предизвикана од ковид-19 и забрзување на поддршката од меѓународната заедница.

РФИ овозможува брза финансиска помош на земјите-членки кои се соочуваат со потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс, без потреба од целосна економска програма или оценувања. Финансиската помош преку РФИ се обезбедува во форма на директни исплати.

– Економските изгледи на Северна Македонија значително се влошија како резултат на пандемијата на Ковид-19. Се очекува реалниот БДП да се намали за 4 проценти во 2020 година, како резултат на падот на домашната и надворешната побарувачка. Ова, заедно со негативните шокови врз довербата и прелевањата од глобалните финансиски текови, создаде потреба од итно обезбедување на потребите на платниот биланс – изјави Тао Џанг, заменик извршен директор и вршител на должноста претседател на Извршниот одбор, по дискусијата во однос на Македонија.

Властите брзо одговорија со насочена и привремена фискална поддршка за да го ограничат социјалното и економското влијание од здравствената итна состојба преку заштита на ликвидноста на компаниите, зачувување на работните места и обезбедување социјална грижа за невработените и ранливите категории на домаќинства. Во меѓувреме, Народната банка на Република Северна Македонија ја намали својата основна каматна стапка и спроведе регулаторни измени за да ги охрабри банките да ги реструктуираат долговите на висококвалитетните должници кои се погодени од пандемијата. Владата и НБРСМ остануваат силно посветени на зачувување на монетарната, надворешната и финансиската стабилност и се подготвени да ги преземат сите дополнителни мерки што би биле потребни.

Властите исто така изразија силна посветеност, откако ќе заврши кризата предизвикана од ковид-19, за обновување на фискалните бафери и спроведување на агендата за структурни реформи за да помогнат во зачувувањето на одржливоста на долгот и забрзување на конвергенцијата кон развиените економии на земјите од Европската Унија. Меѓународниот монетарен фонд е подготвен да ѝ помогне на Северна Македонија во борбата со пандемијата и во процесот на закрепнување на економијата, додаде тој.


Бежоска и Ангеловска: Финансиската помош ќе ги ублажи негативните ефекти од пандемијата

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) одобри финансиска поддршка за нашата земја, преку Инструментот за брзо финансирање, во износ од околу 176 милиони евра. Преку овој инструмент се овозможува исклучително брз и поволен пристап до финансиски средства од ММФ, во услови кога економија со здрави фундаменти е погодена од надворешен, неочекуван и привремен шок, каков што е пандемијата на вирусот ковид-19, се вели во заедничкото соопштение на Народна банка и Министерството за финансии.

Како и поголем дел од економиите во глобални рамки, и македонската економија привремено ќе биде погодена од појавата на новата вирусна инфекција. Ефектите ќе се почувствуваат и преку намалувањето на глобалната побарувачка, но и преку прилагодување на домашната побарувачка, во услови на неизвесност и преземени мерки за ограничување на ширењето на вирусот. Слично како и во другите економии, ваквиот контекст наметнува потреба од прилагодување на макроекономските политики за привремена и целна поддршка на економијата. Користењето на средствата од ММФ е важен елемент за спроведување на овие политики, обезбедувајќи дополнителни финансии за буџетска поддршка, како и поддршка на девизниот потенцијал на економијата.

Во контекст на политиките, ММФ истакнува дека Народната банка, во рамки на својот мандат реагираше брзо за соодветно да одговори на економските предизвици поврзани со ковид-19. Покрај намалувањето на референтната каматна стапка и целните промени во задолжителната резерва, ММФ ги издвојува и регулаторните измени со коишто се овозможи привремено олеснување на финансискиот товар на корисниците на кредити погодени од корона-кризата, притоа запазувајќи го прудентниот пристап во управувањето со ризиците.

ММФ се осврнува и на преземените фискални мерки за заштита на ликвидноста на компаниите и за обезбедување социјална заштита за погодените домаќинства. Притоа одделно се нотирани мерките донесени од Владата со коишто се намалуваат непотребните расходи во овој период и се обезбедуваат натамошни финансии за здравствениот сектор. Од ММФ се разгледани и мерките со коишто се промовира сигурност на работните места и стабилност на пазарот на трудот.
Во рамки на комуникацијата со ММФ се потенцира посветеноста на носителите на политиките за одржување на макроекономската и финансиската стабилност, и за зголемување на потенцијалот за одржлив долгорочен раст на македонската економија. Во однос на стабилноста на банкарскиот систем, ММФ позитивно го оценува зајакнувањето на ликвидноста и на капиталната позиција на системот во изминатиот период, што сега обезбедува гаранција за заштита од потенцијалните загуби заради корона-кризата. Притоа, укажано е и на потребата банките и понатаму да обезбедуваат финансиска поддршка на економијата, во претстојниот период, заради што е неопходно својата капитална позиција и ликвидноста да ги одржуваат на адекватно ниво.