Извршните директори на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка со позитивни оценки за економските и реформите во јавните финансии во земјава. Извршниот директор за ММФ на Конституенцата Антони де Ланој во изјава за медиумите за време на состанокот на холандско-белгиската конституенца кој се одржува во Скопје, истакна дека Владата има амбициозна реформска агенда, која дава резултати на политички и економски план.

– Владата има навистина амбициозна реформска агенда и навистина може да се забележат резултати, како на политички план, бидејќи изгледите на земјата за влез во ЕУ и НАТО се подобрени, но и на економско ниво, како кај бизнисот, деловното окружување, образованието. Сметам дека преминот од рамен данок кон прогресивен данок е позитивен чекор кон обезбедување еднаквост и ММФ на повеќе наврати тоа го препорачувал и сметам дека секако е добар начин да се стигне до поголема еднаквост за која што зборувавме – рече Антони де Ланој, извршен директор на ММФ за Конституенцата.

За извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе, Преспанскиот договор немал само политичко, туку и економско значење, бидејќи создал доверба и можности за реформи

 – Владата навистина вложуваше и во човечкиот капитал и во приватните компании, но и во одржливоста. Само што ги слушнавме последните бројки на Светска банка кои покажаа позитивно економско сценарио и покрај глобалното забавување. Светска банка неодамна склучи повеќегодишна програма со Северна Македонија за да ги поддржи инвестициите во човечки капитал. Оваа програма ќе креира можности за приватниот сектор, за младите, за жените, но и за клучни прашања како загадувањето – рече Давидсе извршен директор на Конституенцата за Светска банка.

Потпретседателот на Светска банка за Европа и Централна Азија, Сирил Милер во својата презентација истакна дека сите земји членки на Конституенцата ќе имаат поголем економски раст од регионалниот просек, а најголем напредок во реформите имаат Македонија и БиХ.

Министерот за финансии Драган Тевдовски во изјава за медиумите за време на Конституенцата истакна дека програмата на Владата е поставена за животниот стамдард да растре за мнозинството на граѓани и практично да се намалува нееднаквоста.

– Ние досега преземавме многу различни чекори. Водиме фискална консолидација го средивме системот на финансии во земјава. Но од друга страна не само што успеавме да го стабилизираме јавниот долг, туку водиме политики кои што овозможија практично да се постигнат нашите главни цели. Прво со праведното оданочување обезбедивме дополнителни средства со кои многукратно ги зголемивме социјалните трансфери на најранливите граѓани. Ние сме првата земја во регионот која има минимален адекватен приход, многукратно ги зголемивме социјалните трансфери. Еден од главните приоритети ни е платите да растат и во 2018 година платите расте скоро со 6% многу повисоко од претходниот период. Направивме реформа на системот на јавните набавки кој е целосно поврзан со директивите на ЕУ. Исто така, обезбедивме фискална транспарентност, ако пред неколку години тоа беше една од темите кои беа критикувани, сега заради различни мерки кои ги преземавме ја подобривме фискалната транспарентност – рече Тевдовски.

Во тек се средбите на холандско-белгиската Конституенца, која се одржува во Скопје, на кој поздравно обраќање имаше премиерот Зоран Заев. Воведни обраќања имаа министерот за финансии Тевдовски и гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска.