Млади сте? Имате идеја за отворање свој бизнис преку креирање ново иновативно решение? Се грижите за општеството? Да? Тогаш аплицирајте ја вашата идеја заклучно со 8 мај 2018 година, вторник (на полноќ) за Наградата за социјално претприемништво „Social Impact Award 2018“! Конкурсот е отворен онлајн на веб-страницата.

Ако сакате да добиете корисни коментари и помош за пријавување на идејата, тогаш дојдете на 3 мај 2018, во „Јавна соба“ (Public Room) од 15 часот и запознајте го нашето стручно жири. На ваквиот настан, „Запознај го жиритo“, сите присутни ќе имаат можност да ги споделат своите идеи со членовите на жирито и да добијат конструктивни коментари за својата идеја, која потоа можат да ја пријават на Social Impact Award 2018.

Наградата за социјално претприемништво, која по четврти пат се доделува во Република Македонија, е најголемиот интернационален натпревар за студентите на тема претприемништво. Проектот е основан и инициран од Универзитетот за бизнис и економија во Виена и Impact Hub, а мисијата е да го промовира социјалното претприемништво меѓу студентите.

Во Македонија се смета дека 46,4 отсто од младите до 30 години се без работа. Од нив 23,76 отсто се со високо образование. Проектите како ваквиот натпревар за претприемништво, имаат за цел да ја поттикнат самоиницијативноста кај младите и да помогнат во ублажување на проблемот со невработеност во земјата.

По неговото завршување, се избираат најдобрите апликации што минуваат низ период на инкубација. Апликантите потоа добиваат менторски часови и инструкции како да ја доразвијат идејата, а во септември се одбираат четири победнички решенија/идеи. Три од победничките идеи добиваат финансиска поддршка, а за четвртата награда од заедницата е предвидена менторска поддршка како и сметководствени услуги.

Иницијатор на Наградата што се доделува четврта година по ред е Social Impact Lab во соработка со организацијата Младиинфо, Пакомак, Фонд за иновации и технолошки развој и Конто профит. Поддршката и годинава е обезбедена од Шпаркасе банка Македонија, која е верен соработник во мисијата за подобро општество.

Социјалното претприемништво сè уште е во зачеток, а целта на Social Impact Award е младите да отворат сопствени социјални бизниси, да останат мотивирани, да аплицираат на конкурсот, да се самовработат и најважно да направат нешто добро за општеството како целина. Многу е важно да се детектираат општествените предизвици и да се изнајдат соодветни самоодржливи бизнис-модели за нивно долгорочно решавање.

Целиот циклус завршува на почетокот на ноември кога победниците имаат можност да учествуваат на интернационалниот самит, кој годинава ќе се одржи во прекрасната Грузија. Таму победниците се запознаваат со други млади социјални претприемачи ширум светот, ги доразработуваат своите идеи, стекнуваат пријателства и разменуваат искуства.