Расчекорот меѓу понудата и побарувачката на работна сила е огромен, младите завршуваат образование и се стекнуваат со вештини што воопшто не му се потребни на стопанството, а стопанствениците се жалат на недостиг од соодветна работна сила без што не можат да ги зголемат производството и приходите

Младинската невработеност во земјава е меѓу највисоките во Европа. Младите сѐ уште остануваат најизложената категорија на невработеност. Оваа состојба е дополнително отежната со почетокот на здравствената криза, каде што повторно на удар се младите лица, кои и претходно беа една од најранливите категории лица кога станува збор за пазарот на трудот и права од работен однос. Тешкотиите на младите брзо да преминат од училиште кон работа главно се должат на јазот што се јавува во вештините што ги имаат тие и оние што ги бара работното место.
Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, често овој јаз е толку голем што работодавците претпочитаат работници со некакво искуство, за да го намалат трошокот за интеграција на тој работник со работните задачи.
– Друг важен елемент се високите очекувања што младите ги генерираат по завршување на школувањето. Тие често очекуваат идеална работа, со висока плата, и многу почесто фокусот го ставаат на дипломата, наместо на вештините што ги поседуваат. Секако, проблемот на платата е општ проблем на пазарот на трудот, особено во услови кога младите лесно добиваат информација за платите на странските пазари на трудот, и тоа дополнително ја поттикнува нивната желба за емигрирање – истакнува Петрески.

Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека стапката на невработеност кај младите лица е повисока од општата стапка на невработеност.
– Таа кај младите изнесува околу 33 отсто и е повисока од општата стапка на невработеност, која е околу 19 отсто. Изминатата година беше специфична поради ковид-кризата и негативното влијание на економијата, но факт е дека некои прогнози покажуваат дека и на подолг рок стапката на невработеност на младите ќе биде околу 10 отсто поголема од општата стапка на невработеност – нагласува Димитров.
Според него, постојат повеќе причини за оваа состојба, Македонија и порано, додека била во состав на поранешна Југославија, имала помала стапка на вработеност од Словенија или од Хрватска.
– Ова значи дека нашата држава отворала помалку работни места годишно отколку бројот на завршени средношколци и дипломирани студенти што излегувале на пазарот на трудот. Оваа диспропорција доведе до уште една негативна појава, а тоа е во Македонија да се отвораат трудоинтензивни дејности, со намера да се вработат младите, за разлика од Словенија, која имаше попропулзивни дејности со повисока додадена вредност и пак имаше недостиг од работна сила – вели Димитров.

Како што споменува Димитров, за позитивни промени клучни се два услова, повисоката стапка на раст и усогласеноста на понудата и побарувачката на работна сила.
– Македонија не успеа да постигне просечни стапки на раст повисоки од три отсто и со тоа не оствари услови за поголеми инвестиции и отворање нови работни места. Од друга страна, расчекорот меѓу понудата и побарувачката на работна сила е огромен. Младите завршуваат образование и се стекнуваат со вештини што воопшто не му се потребни на стопанството, а стопанството се жали на недостиг од соодветна работна сила за да ги зголеми производството и приходите – објаснува Димитров.
Последните две години со програмата „Гаранција за млади“, додава тој, се постигнал одреден успех, но нема никакви гаранции дека овие активности и придобивки ќе се задржат и понатаму, особено затоа што бараат вложување на одредени финансиски средства.
– Во услови кога младите најчесто се вработуваат на работно место за кое немаат соодветни квалификации и знаење, нормално е во периодот на едукација тие да имаат договори за вработување на определено време, да имаат плата пониска од искусните работници и да постои несигурност во задржувањето на работните позиции. За жал, многу млади се запишуваат на образование што ништо не им значи ниту, пак, имаат афинитети за таа професија – истакнува Димитров.
Економскиот експерт Здравко Савески, пак, смета дека не е доволно на младите само да им се обезбеди било какво вработување, бидејќи тие имаат и други очекувања, какви што се квалитетот на нивните работни места и заштитата на нивните работнички права.

– Не е задоволително само да се обезбеди какво било вработување, туку важно е пристојно вработување. Треба конечно да дадеме излезни решенија што ќе дадат плод. Треба Инспекторатот за труд да обезбеди да нема кршење на законот, политичките партии да ја подобрат трудовата регулатива, а синдикатите повеќе да ги штитат работничките права – вели Савески.