Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, престојуваше во посета на прилепскиот регион при што оствари средба со градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски.

Како што информираат од ресорното министерство, Димковски се интересирал за реализацијата на средствата од Програмата за рурален развој, каде Прилеп аплицирал со три проекти.

– Разговаравме да видиме како одат подготовките за реализација на овие средства, бидејќи парите се резервирани во буџетот и тие треба максимално да бидат искористени во текот на оваа година. Исто така разговаравме и за огласот кој е во тек на кој можат да аплицираат планските региони, а кој се однесува на тампонирање на патиштата кои водат до земјоделските површини – изјавил министерот.

Градоначалникот Јованоски ја потенцирал одличната соработка меѓу општината и министерството за земјоделство, односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, за што, како што рекол, сведочат трите одобрени проекти во висина од околу 60 милиони денари.

– Едниот проект е за урбанизација на 30 села во општина Прилеп, вториот за изградба на патот помеѓу селата Волково и Прилепец и третиот проект е за патот од Прилепец до манастирот Св.Никола. Исто така сакам да напоменам дека е во тек постапката за тендерот кој го одобри Министерството за земјоделство во висина од околу 30 милиони денари, од кои половината ќе бидат искористени за тампонирање на пристапните патишта до земјоделските површини во Пелагонискиот и Струмичкиот плански регион – истакнал Јованоски.