Министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски денеска беше во обиколка на работите на реконструкцијата на патната делница од Колари до Кичево, која е во фаза на асфалтирање и која најдоцна до крајот на месец јуни целосно треба да биде завршена.

-Денес сме тука да извршиме увид на градежните активности, на патот од Колари до Кичево. Од страна на изведувачите на работите сум имформиран до каде се работите на оваа патна делница. Овој патен правец е од исклучителна важност за нашата земја, бидејќи на истиот пат во текот на една година поминуваат над 4 милиони возила. Сметаме дека со подобрување на патната инфраструктура секаде низ државава, оние милијарда евра кои се предвидени за подобровање на патната инфраструктура во земјава ќе бидат потрошени и на тој начин ќе се зголемат капиталните инвестиции кои се исклучително важни за Владата – истакна Министерот Сугаревски.

За оваа патна делница се потрошени вкупно 8 милиони евра, а се работеше во две фази, претходно се реконструираше делницата од Гостивар до Колари, а беа реконструирани уште и пет мостови.

-За овој дел од патот од Колари до Кичево, наменети се 1,6 милиони евра и сметаме дека најбрзо, согласно роковите, овој пат ќе биде целосно завршен, а наша интенција е истиот да биде финализиран пред почетокот на туристичката сезона- додаде Сугаревски.

На новинарско прашање дали се работи и на проектот за изградба на автопатот од Кичево до Гостивар, министерот Горан Сугаревски рече, дека оваа година ЈПДП ќе заврши со проектирање на првата фаза за изградба на нов автопат од Гостивар до Кичево и тоа за делницата од Кичево до Букојчани, за втората и третата делница ќе се обезбедат средства од ЕУ за проектирање на истиот. Инаку на оваа патна ќе бидат нанесени 5 сантиметри нов асвалт, додека на оштетените делници ќе се стават уште 6 сантиметри нов асвалт, известија од изведувачот на работите. З.А.