Индустриското производство во јануари 2020 година, во однос на истиот месец минатата година, бележи раст од 0,3 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Гледано по сектори, индустриското производство во секторот рударство и вадење камен регистрирало раст од 9,4 отсто, додека, пак, секторот преработувачка индустрија бележи пораст од 4,6 отсто. Од друга страна, во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација има намалување од 15,8 отсто.

Зголемувањето во секторот преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: прехранбени производи, пијалаци, текстил, облека, производи од гума, пластични маси и од други неметални минерални производи, метали, фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, моторни возила, приколки и полуприколки и мебел.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2020 година, во однос на јануари 2019 година, бележи пораст кај интермедијарните производи, освен енергија, за 14,9 отсто и кај нетрајните производи за широка потрошувачка за шест отсто, додека опаѓање има кај енергијата за 12,7 отсто, капиталните производи за 5,5 отсто и кај трајните производи за широка потрошувачка за 5,4 отсто.