Додека земјоделците протестираа и го блокираа патот, камиони за откуп чекаа да откупуваат лубеници во Струмица. Очигледно е дека некој ги доведува во заблуда земјоделците, откуп на бостан и денеска се врши во Струмичко, стои во реакцијата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

– Во последните седум дена се откупени 800 тони лубеница, а само за денеска се планира откуп од околу 130 тони лубеница – наведуваат од МЗШВ.

Според Подрачната единица во Струмица, посочуваат од Министерството, во следните денови се планира откуп уште на 200 тони, а откупната цена е задоволителна и се движи од три до четири денари по килограм.

– Министерството и натаму ја следи состојбата на терен и ќе интервенира доколку за тоа има потреба. МЗШВ интензивно работи и на носење мерки што на долг рок ќе ги решат проблемите со откупот на земјоделските производи – стои во соопштението.

Воедно, се повикуваат сите земјоделците кои имаат каков било проблем, да ги контактираат подрачните единици на МЗШВ или директно Министерството за земјоделство.