Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето, изјави денеска ресорниот министер Љупчо Николовски на работната средба во Велес со земјоделците од регионот.

– Во моментов е сезоната на откуп, но пикот на продажба се очекува да биде после први април пред самите празници. Знаеме за откупната цена. Вчера и завчера постојано тимовите од МЗШВ комуницираат и ги следат состојбите. Бевме и сме во комуникација со сите засегнати страни, со здруженијата и со сточарите. Се одржаа низа средби во предходниот период и како ресорно министерство и како Влада она што можам да го кажам е дека нема да дозволиме сточарите одгледувачи на овци од нивниот производ да прават загуба и верувам дека сите заеднички ќе донесеме решение – изјави Николовски.

Како што соопштија од МЗШВ, при тоа Николовски потенцираше дека Министерството континуирано работи на воспоставување на контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото и дека веќе течат преговори за добивање на квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар. Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство ја завршува процедурата со пописот кај овците и козите кој треба да заврши до 30 јуни, кој што е важен за попрецизно дефинирање на политиките за секторот овчарство и распределба на субвенциите.

На средбата во Велес на која присуствуваше градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, Николовски беше придружуван од посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на Претседателот на Владата на РСМ, Ленче Николовска и сите директори на надлежните институции од секторот земјоделство, а фокусот беше ставен на презенитација на мерките од годинашните програми, особено оние кои се важни за земјоделците од велешкиот регион, како што е новата мерка за малите земјоделски стопанства – земјоделски стопанства под 1 хектар, зголемените субвенции за набавка на приплоден добиток од 14 на 91 милиони денари, повисоките субвенции за производителите на јаболка, за производителите на сончоглед и друго.

Во Програмата за рурален развој, министерот за земјодлество посочи дека оваа година се зголемува сумата за мерката Инвестиции за маркетинг на земјоделски производи од 300 илјади евра на близу четири милиони евра, со што ќе се овозможи предфинансирање на инвестициски проекти во висина од 100 отсто од износот на предлог-проектите, што е важно за инвестиции во преработувачката индустрија.

Николовски најави дека кон средината на годината 55.000 земјоделци ќе ги добијат „зелените картици“ за да ја користат новата мерка за субвенција по принципот на кофинансирање за набавка на гориво за земјоделската механизација.

Директорот на Агенција за финансиска поддршка во земјоделството Николчо Бабовски ја истакна важноста од навремена исплата на субвенциите пред почетокот на новата производствена сезона.

-Субвенциите се исплаќаат без селекција, во еден ден. Од почеток на мандат до денес за субвенции исплативме вкупно 248 милиони евра, од кои дел од средствата се и за стари долгови за 2012, 2013, 2014, 2015 и 2016 година вклучително и тековните години, изјави Бабовски.

Инаку, пред почетокот на новата производствена сезона исплатени се субвенциите за житни култури во износ од 5,5 милиони евра на 26.300 земјоделци, 16 милиони евра се исплатија за субвенции за одгледувачите на обележани грла кози, овци, говеда и несилки, близу 4,4 милиони евра за основната субвенција за површина за градинарски култури на 11.428 земјоделци, 9 милиони евра за лозарите, 5,5 милиони евра субвенции за одржување на овошни насади на 9.146 овоштари. Или вкупно од почетокот на годинава до сега се исплатени 40,5 милиони евра за субвенции, потсетуваат од МЗШВ.

Денешната средба е дел од серијата средби со земјоделци во сите региони во државата, кои ќе продолжат и во следниот период, посочуваат од МЗШВП.