Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бизнис-заедницата укажува дека секоја мерка е добредојдена, но апелира за доследна и навремена примена на планираните мерки. Укажуваат дека иако има подобрување во одредени сектори, сепак, кризата и понатаму е присутна и се заканува со нов бран отпуштања

Различни мерки за вработување и обуки, но и мерки за зачувување на постојните работни места ќе бидат неопходни и во следниот период, заради зачувување на постојните, но и создавање нови работни позиции. Ова го посочија претставниците на бизнис-заедницата по најавата на министерката за труд и социјална политика за реализација на оперативниот план за вработување каде што предност ќе им се даде на граѓаните што го изгубиле работното место поради кризата со ковид-19 и ранливите категории. За реализација на овој план ќе бидат потребни една милијарда 516 милиони денари и со него треба да бидат опфатени 10.279 лица.
Бизнисмените укажува дека секоја мерка е добредојдена, но апелираат за доследна и навремена примена на планираните мерки. Укажуваат дека иако има подобрување во одредени сектори, сепак, кризата и понатаму е присутна и се заканува со нов бран отпуштања, доколку набрзо не се надмине истата таа, како кај нас така и во земјите-членки на Европската Унија.
– Иако во некои сектори во последниот квартал на минатата година се забележани некои позитивни тенденции, факт е дека кризата воопшто не е помината. Масовните затворања во Германија како наш најголем трговски партнер, но и во други земји од Европската Унија, придонесоа многу наши извозни сектори да останат без нарачки и да работат со многу мал капацитет. Во вакви околности, владината поддршка за исплата на плати е неопходна, во спротивно голем број работници ќе останат без своите работни места и ќе бидат на товар на државата како нови социјални случаи. Јас сум свесен дека Владата не може бесконечно да помага за исплата на платите, но сѐ додека многу вработени остануваат без работа, а сакаме да ги задржат своите работни места, помошта е неопходна. Кога поголемиот број вработени ќе почнат да одат на работа и да си ја заработуваат платата, тогаш ќе нема потреба од помош за исплата на плати – посочува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.

Димитров истакнува дека во секоја дејност состојбата е поинаква, но помошта е потребно да стигне до оние што не работат, а оние што имаат нарачки може да се поддржуваат со друг вид мерки за зголемување на технолошката опременост и зголемување на продуктивноста.
– Мерките за обуки и за брзо вработување на оние што останале без работа се нормални во сите земји од Европската Унија. Уште од времето на Тони Блер, флексигурноста како парадигма ја применуваат сите земји на Унијата. Ова значи сигурноста на вработените не се остварува со присилни мерки за забрана на отпуштања, туку со брза преквалификација и наоѓање на работа на оние што ќе останат без работа. Ова треба да го применува и нашата влада и по ковид-кризата – дополнува Димитров.
Тој посочува дека следниве три до четири месеци ќе бидат критични кај текстилната индустрија, бидејќи дел од работодавците од оваа дејност веќе ги вложуваат своите обртни средства во други дејности и го намалуваат бројот на работници, додека други сѐ уште се надеваат дека финансиската помош ќе им помогне да ги надминат проблемите.

– За жал, има и такви што веќе ги затвараат целосно компаниите, бидејки не можат да исплаќаат плати на вработените. Да се надеваме дека ќе проработи совеста на пратениците и ќе успеат наскоро да ги донесат потребните закони, во спротивно ќе ги носат на душа луѓето што ќе останат без работа – истакна Димитров.
Претставникот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, укажува дека останува потребата од креирање мерки што ќе овозможат да се зачуваат поголем број работни места, заедно со мерките за вработување и дообучување. Укажа дека мора да се продолжи со иновативни мерки за да се спречи маса народ да зависи од социјална помош.
– Ќе бидат неопходни иновативност и интензивно креирање мерки насочени кон поддршка на стопанството или кон спас на работните места. Состојбата е таква што ќе мора сите да бидеме постојано во една состојба на штрек, на внимателност. Ако нема, ќе мора да се измислат нови мерки не само за отпуштените работници туку и за зачувување на постојните работни места, бидејќи обемот на работни места што мора да се зачуваат е огромен. Ова е за да се спречи поголема маса народ да зависи од различни типови социјална помош. Неопходно е примателите на социјална помош да се поттикнуваат и тие да најдат работа и да обезбедуваат примања. Многу е лошо ако луѓето се навикнат да се потпираат на социјалната помош, потребно е да не се потпираат на неа, бидејќи и тоа е лошо за самата држава – вели Бошков. Тој наедно истакнува дека секоја мерка што се предлага и која се планира е добро да се примени, да биде корисна за стопанството, за граѓаните и воопшто за општеството, за да може заеднички да се надмине оваа криза.

Како што беше објавено завчера, со новиот оперативен план за вработување се цели кон различни ранливи категории невработени лица, млади лица, жени, лица со попреченост, лица што ја изгубиле работата поради корона-кризата побрзо и полесно да пристапат на пазарот на трудот. Беше посочено дека МТСП во соработка со Агенцијата за вработување годинешниот план го креирало во согласност со потребите на невработените лица и на претприемачите за да обезбедат поголема вработливост и намалување на невработеноста, како и вадење на граѓаните од социјален ризик. Министерката за труд, Јагода Шахпаска, најави дека и годинава ќе продолжи Програмата за самовработување, со која се обезбедуваат грантови во висина од пет илјади евра за еден самовработен и 10 илјади евра за двајца содружници. За мерката Поддршка за креирање нови работни места се предвидени над 500 милиони денари, а беше најавена и имплементација на мерката Економија на грижа, односно обука и вработување на лицата за услуги за грижа во заедницата за лица со попреченост и лица со хронична болест. Во план е да продолжат и со програмата практикантство, каде што ќе се поддржува стекнување работни вештини за млади со средно образование до 34 години. Продолжува исплатата и на младинскиот додаток во износ од 3.000 денари месечно на 2.500 млади лица до 23 години вработени во директно производство, како и проектот „Гаранција за млади“.