Мексико и САД се блиску до склучување прелиминарен договор за новиот Договор за Северноамериканската зона за слободна трговија  (НАФТА), кој потоа треба да го потпише и третиот партнер – Канада, изјави мексиканскиот министер за економија Илдефонсо Гуајардо.

Тој денеска изрази надеж дека во „наредните часови или денови“ ќе бидат завршени билатералните разговори со американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер.

Двете страни веќе пет недели преговараат во Вашингтон.

– Може да се случи оваа недела да завршиме се на релација САД-Мексико, изјави пред новинарите Хесус Сеаде, претставник на новоизбраниот мексикански претседател Андрес Мануел Лопез Обрарадор на преговорите за НАФТА.

– Канада допрво треба да биде вклучена во процесот, не смееме да брзаме, но близу сме, додаде Сеаде, посочувајќи дека тешките прашања се решаваат според планираното.

Во тој контекст, тој ја истакна контроверзната клаузула предложена од САД која предвидува ревизија на договорот на секои пет години.

Мексико и Канада се противат на тој предлог.

Сеаде рече дека е оптимист за постигнувањето договор за новата НАФТА пред крајниот рок на 29 август.

САД и Мексико сакаат да потпишат договор пред актуелниот мексикански претседател Енрике Пена Нието да ја предаде должноста на Лопез Обрадор на 1 декември. За да се оствари тоа,, Конгресот на САД мора да биде известен за 90 дена однапред.

Канадската главна преговарачка Кристија Фриленд изјави дека е охрабрена од постигнатиот напредок.

Трите земји веќе една година преговараат за спасување на договорот за слободна трговија, кој американскиот претседател Доналд Трамп го смета за катастрофален за неговата земја. НАФТА е во сила речиси 25 години.