Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во април 2021 година, во однос на претходниот месец, пораснал за 0,7 проценти, додека цените на мало 0,6.
– Пораст на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај маслото и маснотиите за 10,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук, освен компирите и другите коренести плодови, за 7,2 проценти, свежото и разладеното овошје за 5,3 отсто, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 0,9 проценти, рибата и морските плодови за 0,8 отсто, виното за 0,6 проценти, лебот и житата за 0,2 отсто – пишува во најновото соопштение ДЗС.

Меѓу другото, посочено е дека во текот на април, исто така, пораст има и на индексите на трошоците на животот кај течните горива за домаќинствата за 15,6 отсто, обувките за 1,9 процент, информатичката опрема за обработка на податоците за 1,1 отсто, градините, растенијата и цвеќињата за 1 процент, горивата и мазивата за сопствените превозни средства, домашните миленици и сродните производи, канцеларискиот материјал и материјалите за цртање за 0,9 отсто…
ДЗС регистрира и намалување на индексите на трошоците на животот во април 2021 година, во споредба со претходниот месец, и тоа кај минералната вода, газираните пијалаци, соковите од овошје и зеленчук за 0,6 отсто, полномасното млеко за 0,5 проценти и прехранбените производи неспоменати на друго место за 0,3 проценти.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај гасот за домаќинствата за 2 проценти, резервните делови и приборот за сопствените превозни средства за 1,5 отсто, цврстите горива за домаќинствата за 1,2 процент…
Индексот на трошоците на животот во април 2021 година, во однос на април 2020 година, бележи зголемување од 2,7 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,7 проценти.