Фото: Игор Бансколиев

По минатогодишната пауза наметната од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на ковид-19, Сојузот на синдикати на Македонија најави марш под мотото „Здружени со иста цел“, со кој ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот – Први мај. Стопанствениците, пак, повикуваат на разбирање и трпеливост, потсетувајќи оти пандемијата еднакво атакува и врз стопанството и врз работниците

УШТЕ ЕДНО ОДБЕЛЕЖУВАЊЕ НА МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ТРУДОТ ВО УСЛОВИ НА КОВИД-19

Ќе замириса ли овој Меѓународен ден на трудот, Први мај, повторно на скара, на пандемиски пост или на борба за работничките права, ќе може да се види веќе утре, за кога, по минатогодишната пауза, наметната од рестриктивните мерки за спречување на ширењето на ковид-19, Сојузот на синдикатите на Македонија најави марш под мотото „Здружени со иста цел“, со кој ќе го одбележат Меѓународниот ден на трудот – Први мај. Стопанствениците, пак, повикуваат на разбирање и трпеливост, потсетувајќи оти пандемијата еднакво атакува и врз стопанството и врз работниците.
– Празникот на работниците, Први мај, го одбележуваме загрижени за своето и здравјето на семејствата, во услови на за голем број работници намалените плати, откази и грижа за наша егзистенција. Синдикалниот марш, со запазување на сите мерки за заштита од ковид-19, ќе започне утре, во 10.30 часот, пред зградата на ССМ. На денот на трудот, Први мај, Првомајски проглас со работничките барања ќе биде доставен до Собранието, Министерството за труд и социјална политика и до Владата – кажа претседателот на ССМ, Дарко Димовски.

Каде е тежиштето на одбележувањето

Но она по што се разликува овој празник на работниците е што се одбележува во една пандемиска година, која освен што атакува на животот на граѓаните, истовремено се покажа како многу штетна за економијата, со губиток на работните места, но и прекршување на работничките права. Каде е тежиштето на одбележувањето на Први мај во услови на пандемија и какви лекции ќе извлечеме од оваа здравствено-економска криза?
– Пандемијата во секоја сфера од животот направи прекин на нормалното функционирање, па и на пазарот на трудот. Многу работници не можат да најдат работа или останаа без работа, на многу им е злоупотребен трудот со тоа што не се платени соодветно или не се доволно заштитени на работното место… Се соочуваме со секојдневно непочитување на законите и, што е уште побитно, нема механизам на санкционирање, со што им се дава до знаење на работодавците дека таквото однесување е дозволено. Наместо да дискутираме за унапредување на правата, ние се обидуваме да го зачуваме тоа што го имаме – велат од Конфедерацијата на слободни синдикати.
Оттаму дополнуваат дека одбележувањето на Први мај има голема тежина, бидејќи е познато како и колку време било потребно за да се договори осумчасовен работен ден, пауза во работното време, годишен одмор, заштита на работно место…
– Пандемијата ни даде до знаење дека имаме многу пропусти во системот, уште многу работи треба да се подобрат за да се заштитат работниците. Принудени сме да поднесуваме стотици претставки до Инспекторатот за труд, кој е нефункционален и не ја извршува улогата за која постои, да го изнесуваме нашиот став на улица и да ги известуваме сите релевантни институции за непочитувањето на законите, Уставот и меѓународните конвенции на МОТ што Македонија ги има ратификувано. Најсоодветен пример е непочитувањето на Законот за безбедност и здравје при работа – потенцираат од КСС. Претседателот на ССМ, Димовски, посочува дека од почетокот на здравствената криза, која со несмалено темпо продолжува и оваа година, ги мобилизирале сите стручни капацитети со цел и во услови на криза да се почитуваат работничките права.
– Евидентирани беа голем број прекршување на работничките права и нашите служби настојуваа да ги преземат сите мерки и активности во согласност со законот и да обезбедат навремена, стручна и ефикасна заштита за сите работници – укажува Димовски.

Заеднички да се конципира план за санирање на последиците

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески, за „Нова Македонија“ потенцира дека се наоѓаме во една турбулентна и комплицирана состојба, испреплетена со здравствена и со економска криза, во која мора истовремено да се почитуваат здравствените мерки, а сепак и да се одржи ликвидноста на компаниите.
– Последиците од кризата ги почувствуваа сите сектори во стопанството, иако со различен интензитет, а тоа влијаеше и на намалување на работните места. Туризмот и угостителството настрадаа најмногу, но и голем дел од дејностите во услужниот сектор, меѓу кои и транспортот. Забележан е пад на индустриското производство од 12,2 отсто во февруари во однос на минатата година, пораст на трошоците на живот за 0,5 проценти, ист тренд на одржување на платите како и во последниот квартал од минатата година, но минимално подобрени очекувања на деловните субјекти во преработувачката индустрија и пораст на трговијата на големо. Намалувањето на бројот на работници се чувствува во сите сектори, а најголем пад од 6,7 отсто има кај рударството и вадењето камен. Бројот на работниците во индустријата во периодот февруари 2021, споредено со февруари 2020, е намален за 3,9 проценти, додека кај преработувачката индустрија намалувањето е 3,7 отсто. Сепак, состојбата не е толку драматична како што беа предвидувањата на почетокот на пандемијата. Позитивен е растот на извозот од 4,9 отсто во февруари годинава, како и подобрената реализација на капиталните расходи – укажува Азески.
Според него, значајно е во вакви нарушени текови да бидеме оптимисти и да дејствуваме со конкретни мерки за да се зачуваат работните места и да се одржат компаниите ликвидни.

– Во вакви услови државата треба да му помогне на стопанството, за да може тоа потоа да ѝ помогне нејзе. Тоа може да се направи со поддршка на успешни компании, кои се справија со кризата не отпуштајќи ниту еден работник и кои продолжија со инвестирање и зголемување на вработувањата. Да се поддржат компаниите извозници со наоѓање алтернативни пазари, бидејќи извозот има суштинско значење за нашата економија и спроведување масовна вакцинација на населението. Конечно, од овие случувања мораме да извлечеме поуки, во спротивно ќе платиме висока цена. Треба да се поставиме професионално и одговорно и заеднички да работиме на конципирање акциски план и на негова итна реализација за санирање на последиците од пандемијата ако сакаме да изградиме посилна македонска економија во периодот на постковид, а со тоа да се подобри и животниот стандард на граѓаните – заклучува Азески.

Пандемијата атакува врз стопанството, а со тоа и врз работниците

Пандемијата атакува врз стопанството, а со тоа и врз работниците, укажуваат сите засегнати, а претставниците на работодавците потенцираат дека економските проблеми се огромни.
– Пандемијата направи големи проблеми во светот. Иако сите велиме „здравјето пред сѐ“, сепак, економските проблеми се огромни. Се разбира најмногу настрадаа оние најмалите и најновите компании, кои немаа време да создадат сопствен капитал и резерви за вакви тешки времиња. Ова се одрази и на бројот на работни места и дел од работниците ги изгуби своите работни места. Но мора да сфатиме дека судбината на компаниите и судбината на работниците е заедничка – здрави компании обезбедуваат здрави работни места со загарантирани работнички права и нормални плати. Факт е дека финансиската помош од Владата спаси голем број работни места и без неа бројот на работниците што ќе останеа без работа ќе беше многу поголем – вели претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
Тој дополнува дека сега треба да се размислува како по пандемијата и отварањето на економиите да се забрза развојот, што, според него, може да се стори со зголемување на потрошувачката. Димитров сугерира, понатаму, во услови на нормално работење и економски раст, да се планираат резерви за вакви пандемии или кризи предизвикани од други непредвидливи фактори.
– Во услови на економски раст треба да размислуваме – што ако настане криза, а во услови на криза како да дојдеме повторно до економски раст? Ова е лекцијата што треба да ја извлечеме од оваа криза – посочува Димитров.