Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, е реизбран за претседател на Одборот на регулатори на Енергетската заедница (Energy Community Regulatory Board – ECRB), со што практично доби втор мандат во извршување на оваа должност.

Гласањето се реализираше на 50. јубилеен состанок што се одржува во Атина.

– Добивањето на доверба за уште еден мандат, освен што ја потврдува лидерската улога на РКЕ во спроведување на реформите во енергетскиот сектор, дополнително реизборот е и признание на активната улога на РКЕ во креирањето на решенија во време на енергетска криза – посочи Бислимоски по завршување на состанокот.

На состанокот кој се одржа учествуваа регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија и Украина, како и претставници од Европската комисија и Агенцијата за соработка на eнергетските регулатори на Европската унија (Agency for the Cooperation of Energy Regulators – ACER).

– Предизвик е да се претседава со Бордот на регулатори во време на енергетска криза, но лидерството се кристализира во нудење на решенија во тешки моменти, а не во изговори како алиби – додаде Бислимоски.