Постојат повеќе причини за зголемувањето на цените на електрична енергија, првата е дека се воведени трошоци за ЦО2 емисии, коишто сега изнесуваат околу 70 евра за мегават-час, а минатата година изнесуваа околу 20 евра. Исто така, сушата го намали производството од хидропотенцијалот, а намалено е и производството и од ветерните електроцентрали, поради тоа најголемиот дел европски земји се насочија кон производство на електрична енергија од природен гас, но и состојбата со природниот гас е исклучително сериозна, имајќи предвид дека и природниот гас достигнува незапамтено високи цени

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Енергетиката беше и сѐ уште е исправена пред предизвикот да одговори на менаџирањето на енергетските системи за време на пандемија и да обезбеди сигурна и стабилна испорака на електрична и топлинска енергија, но и гас и нафта. Со претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, разговаравме за актуелните состојби со снабдувањето електрична енергија и сложените состојби на пазарот предизвикани од повисоката цена на струјата, како и за инвестициите во енергетскиот сектор што се гарант за безбедна и одржлива енергетска иднина.

Деновиве е најактуелно објавувањето на црната листа на снабдувачи за електрична енергија што не ги почитувале договорите. Кога излезе овој проблем и зошто се донесени одлуки за одземање на лиценцата на некои снабдувачи?
– Ние како Регулаторна комисија за енергетика сериозно ги следиме случувањата на слободниот пазар на електрична енергија, како и на слободниот пазар на природниот гас, и со анализите со кои располагаме цената од јуни почна драстично да расте во цела Европа, што се манифестира со рекордно високи цени во сите земји-членки во ЕУ. Имајќи предвид дека ние сме увозно зависна земја, и кај нас ги има истите појави и на слободниот пазар на електрична енергија драстично е зголемена цената. Но тоа пред сѐ е увезена компонента и ние не можеме да влијаеме на случувањата на пазарот на електрична енергија во цела Европа. Постојат повеќе причини за зголемувањето на цените на електрична енергија, првата е дека се воведени трошоци за ЦО2 емисии, коишто сега изнесуваат околу 70 евра за мегават-час, а минатата година изнесуваа околу 20 евра за мегават-час. Исто така, сушата го намали производството од хидропотенцијалот и намалено е производството и од ветерните електроцентрали, поради тоа најголемиот дел европски земји се насочија кон производство на електрична енергија од природен гас, но, за жал, и состојбата со природниот гас е исклучително сериозна, имајќи предвид дека и природниот гас достигнува незапамтено високи цени. Така што сега, во септември, се тргуваше за цена за природен гас од 1.000 евра за нормален кубен метар. А цената што ја утврди РКЕ како трошок на топланите во Скопје за набавка на природен гас изнесуваше околу 290-300 евра за нормален кубен метар. И како резултат на сето ова, цената на електрична енергија драстично се зголеми и сето тоа придонесе да се зголеми цената на сите берзи во Европа. Ние од РКЕ го следевме сето ова и го очекувавме, уште во јуни ги информиравме сите снабдувачи со електрична енергија да водат сметка за нивните договорни обврски со потрошувачите. За жал, некои од снабдувачите не се придржуваа до договорените обврски коишто ги имаат со потрошувачите и започнаа да ги раскинуваат договорите со потрошувачите или, пак, да им нудат драстично повисока цена. Од една страна, ние ги разбираме снабдувачите, дека имаат таков период кога не обезбедиле доволно количества електрична енергија, договорите ги склучиле по пониски цени, а сега набавката им е по повисока цена, и за да избегнат банкротирање, ги раскинуваат договорите. Но минатата година, снабдувачите набавуваа електрична енергија по цена од 20 или 30 евра за мегават-час и тогаш не ги намалија цените на потрошувачите, така што треба да имаат еден фер пристап кон сите потрошувачи и да обезбедат до кога можат и да ги почитуваат своите договори, да ги снабдуваат потрошувачите по цени по кои биле веќе договорени, сѐ до моментот додека потрошувачите не го променат својот снабдувач. Од овие причини, поради некоректно однесување на одредени снабдувачи, а исто така и недоставување соодветни номинации од страна на преносниот систем, поради тоа што за обезбедување стабилно работење на системот непотребно се трошеше вода од нашите хидроцентрали, РКЕ во наредниот период ќе започне прекршочни постапки против повеќе снабдувачи, а исто така против неколку од нив ќе започне и постапки за одземање на лиценците за снабдување со електрична енергија. Во најголем дел, поплаките се од државни институции, јавни претпријатија, акционерски друштва во сопственост на државата, општински претпријатија…

Здравствената криза влијаеше и врз енергетскиот сектор, како се премостуваа кризните месеци кога пандемијата имаше врвови?
– Кога започна здравствената криза, Регулаторната комисија за енергетика беше прво регулаторно тело што побара од сите снабдувачи со сите видови енергија во периодот на траење на пандемијата и во најкритичните моменти да престанат со активностите во однос на исклучувањето на потрошувачите. Тоа беше препорака и, на наше големо задоволство, беше прифатена од сите даватели на соодветни услуги, така што во тој период имавме еден фер пристап од страна на снабдувачите. Тоа што беше карактеристично е што приходите од извозните активности, односно од продажбата на вишоци на ЕЛЕМ драстично се намалија во периодот на кризата и во 2020 и во 2021 година. Истите тие намалувања на приходи од прекугранични преносни капацитети ги имавме и кај МЕПСО и тие се за околу 12 милиони евра намалени на годишно ниво споредено со 2019 година, но со разбирање на сите компании успеавме овие лоши моменти да ги пребродиме. Така што РКЕ сѐ што можеше да направи, го стори тоа за што е можно поуспешно да ја преброди оваа економска криза. Сега нѐ загрижува фактот што при крајот на оваа пандемија, како што најавуваа здравствените власти, има драстично зголемување на цените на електрична енергија и на природниот гас речиси во сите земји во Европа.

За да има координиран и системски одговор, особено за време на криза, неопходно е да има усогласување на законите за да можат сите земји организирано да реагираат. Што се презема во поглед на ова?
– Во рамките на бордот на регулаторни тела во којшто јас претседавам, на секој состанок што го имавме за време на траењето на оваа криза, постојано имавме посебни точки за случувањето во енергетскиот сектор и мерките коишто ги преземаа сите регулаторни тела се однесуваа пред сѐ во делот на исклучувањето и особено во овој период најголем дел од регулаторните тела го насочија вниманието кон заштита на правата на потрошувачите. Нашата земја е единствената земја којашто се реши да го намали ДДВ за домаќинствата од 18 на 5 отсто за да им помогне на домаќинствата како најранлива категорија на потрошувачи, што е можно побезболно и со најмал трошок да ги поминат овие драматично лоши услови.

Какви инвестиции се потребни во енергетскиот сектор за безбедна и одржлива енергетска иднина?
– Во време на криза, најголемиот дел инвестиции коишто беа планирани беа и реализирани, а со последните одлуки на РКЕ, ние овозможивме нов циклус на инвестиции. Особено радува фактот што во инвестициите, и во преносната и во дистрибутивната мрежа, се на високо ниво. Во МЕПСО во првата половина од годината е околу 80 отсто од планираното, додека во електродистрибуција како оператор на дистрибутивниот систем овие инвестиции изнесуваа околу 92 отсто, со тенденција овој процент до крајот на годината да се приближи до 100 отсто. Така што сите инвестиции се неопходни пред сѐ за обезбедување квалитетно и сигурно снабдување со електрична енергија и особено сме задоволни што во наредниов период се очекуваат инвестиции во преносната мрежа, со којашто ќе се зголеми и капацитетот на преносната мрежа. Исто така, од големо значење е и изградбата на новата интерконективна врска со Албанија и за првпат електроенергетски ќе се поврземе со Албанија. Дополнително во овој проект ќе се изгради и голема трафостаница во Охрид, којашто е започната со изградба на крајот на август, со што ќе се подобрат напонските услови во тој дел од државата и со тоа ќе има значително намален број на испади. МЕПСО ќе биде сериозен предизвик во наредниот период, бидејќи има најава на огромни инвестиции пред сѐ во фотоволтаици и ветерни електроцентрали. Според оние информации што ги имаме ние во делот на обновливите извори, сега се пријавени инвеститори за изградба на 3.200 мегавати фотоволтаични електроцентрали и ветерни електроцентрали, а сето тоа треба оваа мрежа да го прими и затоа во наредниот период ќе бидат потребни сериозни инвестиции. Притоа, имајќи предвид дека овие обновливи извори се карактеристични во однос на своето производство, треба да се води сметка и за балансирањето на самиот систем.