Ком­па­ниите за по­пра­вка на мо­тор­ни во­зи­ла и мо­то­цик­ли се меѓу најзастапените во категоријата на малите претпријатија / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на активните деловни субјекти во 2019 изнесувал 75.914 и во однос на 2018 година бележи пораст од 5 отсто. Според бројот на вработени, најголемо учество од 80,7 проценти имаат деловните субјекти со 1-9 вработени 

Бројот на компаниите во земјава се зголемил за скоро четири илјади нови фирми во текот на минатата година во споредба со 2018, a според бројот на вработени, и понатаму доминираат малите претпријатија.
Од последните податоци на Државниот завод за статистика се забележува дека најголемо учество во структурата имаат компании од областа трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли со 23.140 субјекти или 30,5 отсто и преработувачка индустрија со 8.362 субјекти или 11 проценти од вкупниот број компании.
– Најмала застапеност имаат секторите Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, потоа Снабдување со вода; отстранување отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, Рударство и вадење камен, сите по 0,3 отсто – се наведува во анализата на ДЗС насловена „Северна Македонија во бројки“.
Податоците за структурата на активните деловни субјекти, според бројот на вработените, покажуваат дека најголемо учество од 80,7 проценти имаат деловните субјекти со 1-9 вработени.

Потоа следуваат деловните субјекти без вработени со 10 проценти, па субјектите што вработуваат од 10 до 19 лица, кои опфаќаат 4,2 проценти од вкупниот број компании. Фирмите што вработуваат од 20 до 49 лица учествуваат со 2,9 отсто, додека, пак, субјектите со 50 до 249 вработени учествуваат со 1,8 процент, и само 0,3 отсто од активните деловни субјекти имаат над 250 вработени.
Ваквата структура на македонското стопанство е забележлива подолг временски период, а како една од причините за најголема застапеност на малите фирми се сметаат финансиите, бидејќи за отворање нова компанија е потребен помал капитал отколку за инвестирање во голема компанија.
– Малите фирми секаде во светот и кај нас претпочитаат дејности во кои на почетокот од работењето, а и подоцна им е потребен помал капитал. Таквите дејности се во преработувачката индустрија и сервисниот сектор или во трговијата на мало. Низ годините, малите претпријатија не прераснуваат во поголеми компании, што се гледа и од нивното учество во структурата на вкупниот број деловни субјекти. Една од причините е немањето доволно капитал за да окрупнат во поголеми компании – објаснуваат од Стопанската комора на Македонија.

Упатените истакнуваат дека малите компании во земјава, за жал, тешко се изборуваат да станат големи, од една страна поради малиот пазар и малата потрошувачка, но и поради тешкотиите да дојдат до финансии.
– Голем дел од малите компании, особено стартап-компании, имаат големи тешкотии да дојдат до пари, да подигнат кредити, бидејќи нашите банки сакаат да си обезбедат поврат на средствата, па се многу строги при давањето заеми. Од друга страна, и самиот пазар е мал и потрошувачката е мала, а на него веќе има голем избор на производи и тешко е да ги промовираат производите.

Секако, сѐ зависи од средината, но сметам дека голем удел во фактот што компаниите остануваат во групата мали е и нивниот претпазлив став, или внимателното настапување на пазарот, не преземаат ризици со кои би го окрупниле производството – вели еден добро упатен извор што сакаше да остане анонимен.
Од СКМ додаваат дека малите претпријатија се помалку кредитоспособни во однос на големите претпријатија и немаат финансиски и стоковни резерви како поголемите компании. Наедно посочуваат дека овие претпријатија се трудоинтензивни, со високо учество на трошоци за плати во вкупните трошоци на компанијата.