КАКО ДОБРИТЕ ПРАКТИКИ ОД СВИЊОГОЈСТВОТО ДА СЕ ПРЕСЛИКААТ ВО ГОВЕДАРСТВОТО, ОВЧАРСТВОТО…

Раст на производството на кравјо млеко и на свинско месо во текот на минатата година во споредба со 2019 година регистрирал Државниот завод за статистика. Сепак, и понатаму се бележи намалување на произведените количества на овчо и козјо млеко, но и на производството на говедско и овчо месо.
– Производството на кравјо млеко во 2020 година изнесува 405.217 илјади литри, што е за 3,7 проценти повеќе во однос на 2019 година. Намалување на производството во 2020 година во однос на претходната година е забележано кај овчото млеко за 23,3 проценти и кај козјото млеко за 7,7 отсто. Вкупното производство на месо е зголемено за 5,1 проценти. Од другите добиточни производи, во 2020 во однос на 2019 година, забележано е зголемено производство на јајца и намалено производство на волна – е наведено во соопштението на ДЗС за добиточно производство во 2020 година.
Добрите практики во одгледувањето прасиња и производството на свинско месо изминативе години овозможија раст кај ова домашното производство, но прашањето е како позитивните резултати да се пресликаат и кај производството на говедско, овчо и живинско месо.

Да се подобрат начините за продажба на домашно произведеното месо

Упатените укажуваат дека една од причините за позитивните резултати во овој сектор се должи на искуството и на добро развиените производствени капацитети, како и на развиената мрежа на малопродажба, но за подобрување на условите и производството на другите типови месо сметаат дека ќе бидат потребни сеопфатни мерки.
– Производството на свинско месо во земјава веќе е добро развиено, имаме успешни модели на производство од фарми, каде што покрај големите има и помали фарми што ги задоволуваат потребите на пазарот. Од друга страна, кај производството на пилешко, говедско и овчо или јагнешко не се така позитивни состојбите. Зачудува податокот дека имаме раст на кравјото млеко, но не и на телешкото месо, бидејќи за лактација на кравите е потребно да имаат подмладок и да се зголемува и говедското месо. Сметам дека треба да се подобрат начините за продажба на домашно произведеното месо. Со правилна политика може да се подобри производството и на говедско и на пилешко и овчо месо. Главна причина за континуираниот пад на овчото месо е монополот за откуп на овој тип месо, кое го уништува производството – вели Љупче Станковски, претседател на здружението „Агрофаланга“.
Тој потенцира дека државата мора да се погрижи да има домашно производство на месо за задоволување на домашните потреби, не да се дозволува да зависиме од увоз, а за истото тоа посочува дека е потребно и за понатамошен развој на месната индустрија.
– Потребно е да се осмислат мерки што ќе вродат со поттикнување на основата, почнувајќи од производство на сточна храна, која сега се увезува и која значително ги зголемува трошоците и цените на домашното производство – појаснува Станковски.

Ниските откупни цени не ги покриваат ни трошоците за производството

Податоците на ДЗС покажуваат дека кај говедското месо има намалување од 4,8 проценти, кај овчото 6,2 отсто, додека кај свинското месо раст од 11,6 проценти, а кај пилешкото минимален раст од 0,3 отсто. Притоа минатата година вкупно биле произведени 3.886 тони говедско месо, 14.930 тони свинско, 3.183 тони овчо и 1.494 тони пилешко месо.
Меѓу причините за намалување на производството на овчо и козјо млеко, Станковски ги истакнува ниските откупни цени, кои не ги покриваат трошоците за производство, иако се продаваат по многу повисоки цени во малопродажба.
– Големите разлики меѓу откупните цени на млекото, па и на други земјоделски производи, се должат на маржите со кои се оптоваруваат производите на патот од производителот до потрошувачите. Во согласност со сегашните состојби, заработката во голема мера оди кај трговците, не кај самиот производител и тоа ги демотивира одгледувачите. Треба да се насочат мерките кон зголемување на домашното производство преку создавање современи фарми, со кои ќе се омасовува производството. Исто така потребно е производителите покрај производството да имаат разработена мрежа за продажба, преку која ќе можат директно да комуницираат со потрошувачите и така заработката да оди кај нив – потенцира Станковски.

Каква стратегија има државата

Во Националната стратегија за земјоделство и рурален развој за период 2021-2027 година, која ја изработува Министерството за земјоделство, се посочува дека секторот за производство на говедско месо и млеко се наоѓа во процес на реструктуирање со намалување на бројот на производители и зголемување на производствените капацитети.
– Вкупниот број на одгледувалишта е помал за 11.200, опаѓа бројот на оние со помалку од 20 грла и се зголемува застапеноста на сите категории поголеми од 20 грла. Во периодот од 2015 до 2019 година, просечниот број грла говеда по фарма е зголемен од 7,4 на 9,3, но секторот бележи пад во вкупниот број на говеда за 25 проценти, околу 58.000 грла – се наведува во стратегијата.
Притоа се посочува дека во изминатиот период секторот беше под влијание на негативни пазарни и санитарни предизвици. Посочуваат дека со укинувањето на производствените квоти во земјите на ЕУ во 2016 година, откупната цена на млекото се намали од 19,6 на 17,7 денари за литар. Истата година поради појава на болеста јазлеста кожа беа уништени голем број говеда, поради што се намалиле приходите на производителите.
– Секторот има потреба за подобрување на расната структура заради поголема продуктивност. Домашното производство на говедско месо задоволува само 20 проценти од потребите и има континуирано паѓачки тренд. Во набљудуваниот период производството опадна од 5.500 тони во 2014 на 4.000 во 2019 година. Потребите од 11.500 тони смрзнато и свежо говедско месо се задоволуваат од увоз во вредност од 36,5 милиони евра, во 2019 година – потенцираат креаторите на стратегијата.
Кај производството на млеко, во стратегијата се посочува дека најголем предизвик од кој зависи одржливоста е постигнување соодветен квалитет и безбедност на млекото.
– Според мониторингот на одгледувалишта за крави спроведен од АХВ, само 23 отсто од млечните фарми произведуваат млеко што ги задоволува законските барања за безбедност, а мнозинството се во втора категорија, што подразбира сериозни инвестиции за подобрување на санитарно-хигиенските услови. Потреба за инвестиции за модернизација и примена на законските стандарди имаат и млекарниците и кланиците,кои се неопходен и важен дел од синџирот на производство на млеко и говедско месо. Одгледувачите на говеда имаат недоволно површини земјоделско земјиште за сопствено производство на добиточна храна, што нивното производство го прави поскапо и понеконкурентно – се наведува во стратегијата.

Се цели кон поголемо задоволување на потрошувачката со домашно производство

Во стратегијата се посочува дека преку модернизација се цели кон зголемување на земјоделското производството за поголемо задоволување на потрошувачката со домашно производство, подигање на квалитетот и создавање услови за одржливо земјоделство. Во стратегијата е посочено дека за зголемување на ефикасноста на вложувањата, тежиштето на политиките ќе биде поставено кон семејните комерцијални стопанства кои ќе бидат поддржани за да се специјализираат за висококвалитетно земјоделско производство.
– Малите земјоделски стопанства треба да ја окрупнат нивната понуда и зајакнат преговарачката позиција преку здружување во задруги, да ја зголемат продуктивноста на ограничените капацитети или да конверзираат во други попрофитабилни типови. Големите земјоделски претпријатија и преработувачки капацитети треба да ги искористат можностите за поддршка на инвестициите за подобрување на конкурентноста и нивните перформанси во работењето, да ја подобрат хоризонталната интеграција и да воспостават функционални партнерски врски со примарното производство. Треба да бидат лидери на развојот и центри на емитување на модерна технологија, иновации и подобрена генетика. Сите учесници ќе мора да ги почитуваат задолжителните договори при откупот на земјоделските производи и да започнат со доследна примена на минималните стандарди за квалитет – пишува во националната стратегија.
Во неа е посочено дека структурните слабости во земјоделството поврзани со малата просечна површина по стопанство и просторната раситнетост на парцелите се главни ограничувачки причини за недоволна конкурентност. За надминување на состојбите ќе продолжи интервенцијата на државата во консолидација на парцелите, доделување државно земјиште на вистинските производители со издвојување на сточарите во посебни огласи и продажба на издвоени парцели. Истовремено ќе се стимулира пазарот на земјиште со оданочување на земјоделско земјиште што нема да биде обработено или не е понудено за закуп.
– Главна цел во следниот период е трансформација на малите и средните одгледувачи на говеда во одржливи стопанства за производство на млеко и месо што имаат над 20 молзни, односно над 50 гојни крави, подобрена продуктивност и ги исполнуваат пропишаните стандарди. Клучните точки во преструктурирањето во говедарското производство се подобрени висина на млечноста, генетски квалитет на кравите и гојните јуниња, хигиенска исправност на млекото, квалитет на закланите говеда за месо и добриот фармски менаџмент – се посочува во стратегијата.