Фото: Игор Бансколиев

Процесот, кој штотуку започна со една интеграција и со најава за уште една, веќе подолг период го поттикнуваат и надлежните институции, со укажување дека бројката на комерцијални банки за толку мал простор е голема и дека со нивно консолидирање ќе можат да им понудат поквалитетни услуги на клиентите

Окрупнувањата во банкарскиот сектор во земјава, според упатените, можат значително да влијаат врз подобрување на услугите и продуктите, кои ќе им се нудат на граѓаните и на компаниите. Процесот, кој штотуку започна со една интеграција и со најава за уште една, веќе подолг период го поттикнуваат и надлежните институции со укажување дека бројката на комерцијални банки за толку мал простор е голема, и дека со нивно консолидирање ќе можат да им понудат поквалитетни услуги на клиентите.

– Радува и е особено значајно што во услови кога дел од големите банкарски групи го напуштаат регионот, една од групите од таков формат пројави сериозен интерес за натамошно поголемо инвестирање во нашиот банкарски систем. Се очекува дека тоа ќе влијае на натамошно зајакнување на системот и на неговата стабилност, како и на обезбедувањето уште поголема кредитна поддршка и за корпоративниот сектор и за населението, а преку тоа и поддршка на економскиот раст во нашата земја – истакнуваат од Народната банка.

Од оваа институција потсетуваат дека во изминатиот период, како централна банка, во повеќе наврати го соопштиле нивниот став за потребата од окрупнувањето.
– Ова би значело и ефективно натамошно зголемување на конкуренцијата. Очекуваме дека тоа би довело до подобри услови за корпоративниот сектор и за населението како корисници на банкарските услуги и производи, како и до проширување на палетата производи што ги нудат банките, а под конкурентни услови – истакнуваат банкарите.

Деновиве дури и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) посочи дека е значајно и позитивно окрупнувањето на банкарскиот сектор во земјава.

– Банкарскиот систем е здрав, но потребни се напори за понатамошно ублажување на кредитниот ризик. Банкарскиот систем е добро капитализиран и ликвиден. Двете тековни спојувања на банките ќе помогнат да се консолидира системот и да се подобри ефикасноста. Чекорите за понатамошно зголемување на денаризацијата на депозитите, заедно со внимателно избраните мерки за спречување на заемот на странска валута за домаќинствата, доколку е потребно, ќе помогнат во зајакнувањето на отпорноста на финансискиот систем. Во услови на континуиран висок кредитен раст на домаќинствата, се предлага поблизок мониторинг, вклучувајќи и со собирање детални податоци за домаќинствата – стои во соопштението на монетарците.

Инаку окрупнувањето во банкарскиот сектор во земјава се заговара подолг период, а неодамна официјално беше потврдено дека Штаермеркише шпаркасе АД по одобрение од Народната банка ја купи Охридска банка. Целосната интеграција треба да се случи во април 2021 г., а дотогаш ќе функционираат двете банки. Со нивното спојување во земјава ќе се направи ново прегрупирање во банкарскиот сектор, и Шпаркасе ќе има поголема актива од сегашната. Според претставниците на Шпаркасе и на Охридска банка, една од првите придобивки за клиентите на двете банки ќе биде можноста за користење на повеќе од 120 банкомати низ земјава, како и можноста за подигнување средства од банкоматите со дебитни картички без провизија, почнувајќи од први јануари наредната година.

Како што кажаа членовите на управниот одбор на Штаермаркише шпаркасе, Георг Бухер и Герхард Фабиш, една од причините поради која се одлучиле да инвестираат во Македонија е потпишувањето на договорот со Грција.

– Со купувањето на една од водечките банки во Северна Македонија ќе станеме уште посилен партнер во економијата. Заедно ќе располагаме со значително поголем потенцијал и ресурси со кои ќе ги опслужуваме нашите клиенти и сите бизниси – кажа Фабиш на неодамнешната прес-конференција.

Изминатиов период беше објавено дека постои интерес од страна на Комерцијална банка за купување на Еуростандард банка, но преговорите сѐ уште не се започнати. Со преземање на Еуростандард банка, Комерцијална ќе ја зацврсти својата позиција меѓу трите најголеми банки во земјава.

Во согласност со последните податоци, во земјава има пет големи банки, чија актива е над 565,85 милиони евра, потоа седум средни банки со актива меѓу 140,65 милиони и 565,85 милиони евра, како и три мали банки, чија актива е пониска од 140,65 милиони евра.

Најголема засега останува Комерцијална со 1,86 милијарда евра актива. Најблиску до неа е Стопанска со актива од 1,53 милијарда евра, а на третото место е НЛБ со 1,35 милијарда евра. На четврто место, според бројките на НБМ, е Халк банка со актива од 834 милиони евра. Петта е Охридска банка, со актива вредна над 672 милиони евра. Шестата е Прокредит со актива од 468 милиони евра, а на седмото место е Шпаркасе со 371 милион евра.

Со спојувањето на Охридска и Шпаркасе, новата банка ќе има актива што ќе надмине една милијарда евра и ќе избие на четврто место.


Ангеловска-Бежоска: Потребна е натамошна консолидација и на регионално ниво

Иако последиците од глобалната финансиска криза во голема мера се надминати, сепак банкарските системи од нашиот регион сѐ уште се соочуваат со потребата за натамошно зајакнување на финансиската стабилност, што треба да овозможи и солиден раст на кредитната поддршка. Ова го истакна гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, на меѓународната конференција во Приштина.
– Потребно е да се продолжи со активности за зајакнување на регулативата и практиките, со истакнување на домашните извори за финансирање и натамошна консолидација на банкарските системи. Показателите упатуваат на голем број банки во споредба со големината на економиите во нашиот регион – истакна Ангеловска-Бежоска.
Во својата презентација, таа посочи и на сѐ поголемото присуство на новите технологии во работењето на банките и на финтек-окружувањето, како предизвик за модернизација и дигитализација на начинот за нудење на финансиските услуги.