Францускиот претседател Емануел Макрон во обид да го намали притисокот од страна на демонстрантите, кои се незадоволни поради високите цени на горивата, предложи метод на ревизија на даночните стапки на дизелот и бензините на секои три месеци во согласност со промените на цените на нафтата на светските берзи.

Макрон сепак нагласи дека нема да отстапи пред притисоците на протестите и нема да се откаже од својата иницијатива за транзиција кон почиста енергија.

– Не смееме да го менуваме патот, бидејќи насоката на овие мерки е добра и тие ни се потребни – истакна Макрон во телевизиско обраќање до нацијата.

Сепак, според него, Владата мора да го промени начинот на работа, бидејќи голем број Французи „сметаат дека таа насока им се наметнува одозгора“.

Макрон додаде дека граѓаните не може да очекуваат подобри јавни служби, а во исто време да бараат пониски даноци.

Тој, сепак, призна дека зголемувањето на даноците на дизелот што резултираше со раст на цените на горивата, донело поголеми штети од полза.

Макрон најави и дека до крајот на неговиот мандат во 2022 година, Франција ќе затвори само две атомски централи, но до 2035 ќе го намали уделот на нуклеарната енергија од 75 на 50 проценти, што ќе се постигне со затворање на 14 од 58-те нуклеарки во сопственост на државата.