„Макпетрол“ се огласи со став во однос на методологијата на Регулаторната комисија за енергетика, за формирање на највисокото ниво на малопродажни цени на нафтените деривати. Од компанијата велат дека согласно нивните пресметки, за наредната недела очекувале цени пониски за 0,5 денари по литар кај сите деривати, од објавените во одлуката на Регулаторната комисија за енергетика.

– Веднаш ја воочивме разликата, која не произлегува од движењето на цените на нафтените деривати на светските берзи во изминатиов период, туку во основа разликите произлегуваат од механизмот на заокружување со малопродажните цени на нафтените деривати, во новата одлука и правилникот на РКЕ. Да појасниме, во услови кога слободно беа формирани цените, ова заокружување како во позитивна, така и во негативна насока се случуваше кај трговската маржа. Но, во случај кога повторно РКЕ ја формира и одредува цената на нафтените деривати заокружувањето повторно се пресметува, се додава кај акцизата, но само во позитивен правец.

Се поставува прашањето кој стравуваше од механизмот на слободно формирање на цени? Кој и зошто ја наметнуваше тезата во јавноста дека цените во услови на слободно формирање ќе дивеат? Нам како трговци, одговорот ни е јасен. Во овој случај, очигледно РКЕ по налог или во соработка со Министерството за финансии, не сака да се откаже од дополнителни зафаќања кај акцизата, за сметка и во корист на потрошувачите и компаниите во земјава – пишува во соопштението на „Макпетрол“.