Апел до трите најголеми политички партии во Македонија за итно носење на измените во Законот за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, денеска упати здружението на производителите на медицински канабис „Макканабис“.

Од „Макканабис“ побараа законот, што е доставен до Собранието, да се донесе пред распишување на изборите, односно да биде донесен по скратена постапка, со цел да биде изгласан на наредната седница.

– Апелирам до сите партии, а најмногу до трите најголеми партии во земјава СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и до ДУИ, здружено да се донесе овој закон пред да се распишат предвремени парламентарни избори – кажа претседателот на здружението „Макканабис“, Костадин Дуковски, на прес-конференција.

Дуковски апелираше евентуалните забелешки што пратениците ќе ги дадат на законот да бидат конструктивни. Тој посочи и дека со одолговлекувањето на донесување на законот, губат сите кои инвестирале во овој бизнис, а најмногу, како што рече, губи државата. Претседателот на здружението „Макканабис“ истакна дека се прифатени нивните барања и гаранцијата сега е смалена на 300 илјади.