Фото: Игор Бансколиев

Само 31,3 отсто од домаќинствата имале можност да отпатуваат една недела на годишен одмор, додека во ЕУ ситуацијата е сосема спротивна. Таму 32,9 отсто од населението не можат да си дозволат еднонеделен одмор

Помалку од една третина македонски граѓани можат да си дозволат еднаш годишно да заминат некаде на патување, што е податок особено интересен во екот на сезоната на летните одмори, кога постојано се поставува прашањето кој каде ќе патува. Статистичките податоци се поразителни и укажуваат дека многу мал дел од македонските граѓани успева да се релаксира со еднонеделен одмор.
Во публикацијата на Државниот завод за статистика насловена „Потрошувачка на домаќинствата во Република Македонија, 2017“ е наведено дека само 31,3 отсто од домаќинствата имале можност да отпатуваат една недела на годишен одмор.
– Кога некој осиромашува, прв чекор што го презема, е лишување од квалитетот на животот или намалување на трошоците за слободно време, меѓу кои спаѓаат и патувањата. Ако го земеме податокот дека скоро 70 отсто или две третини од населението не патува, тоа сигурно упатува на сиромаштија, иако истиот процент треба да се спореди и со другите земји. Исто така, треба да се има предвид дека перцепцијата во јавноста не е иста со статистика. Има повеќе индикатори за сиромаштија, и кај нас има група луѓе што се навистина сиромашни. Но има и друга група, која е малку над прагот на сиромаштија, но осиромашува и нема пари за патувања – вели економистот Здравко Савевски.
Савевски појаснува дека податоците што се објавуваат од Државниот завод за статистика се понекогаш контрадикторни.
– Ако ги споредиме податоците на ДЗС дека во Македонија степенот на сиромашија е 20 отсто, а од друга страна, дури 70 проценти не отпатувале никаде, ќе видиме дека истите тие се спротивставени. Вистина, постои дел од граѓаните што од разни причини едноставно не сака да патува, а тоа се најчесто повозрасните жители. Од друга страна, има и такви што не можат да патуваат, поради други причини, како на пример не можат да го добијат одморот од работното место. Недостиг е што немаме структура на лицата што не патуваат, за да се утврдат точните причини, но начелно главна причина се повторно финансиите – истакнува Савевски.

Социологот Илија Ацевски исто така смета дека главна причина поради која дури две третини од населението не патуваат на одмор е немањето материјални можности некаде да отпатуваат, било да е море, езеро или планина.
– Станува збор за сиромашни граѓани што не можат да одвојат средства за да отпатуваат. Иако нивната сиромаштија е во поблага форма, сепак навлегува во едно поизразено осиромашување на населението. Тие немаат каде да патуваат без пари, немаат финансии за да платат сместување ниту за 2-3 дена, а не па за повеќе. Кај нас многумина од граѓаните практикуваат да отпатуваат во некое родно место, планина или во некое село во внатрешноста, подалеку од градскиот метеж и тоа го сметаат за одмор – рече Ацески.
Професорот појаснува дека удел во состојбата има и старосната граница, бидејќи имаме претежно повозрасна популација, од која дел поради здравствени проблеми не може да патува, но друг дел и поради ниските приходи.
– Генерално пензиите се движат околу 12 илјади денари, а голем дел се и помали. Ним не им остануваат пари за патување, туку само за храна и за режиски трошоци. Во развиените земји пензионерите се категорија граѓани што можеби најмногу патуваат, но таму пензиите се високи, младите се вработени, па родителите не треба да им помагаат од пензиите – заклучува Ацевски.
Според податоците на Евростат, во ЕУ ситуацијата е сосема обратна. Таму 32,9 отсто од населението на ЕУ не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор далеку од дома. Од нив, поголем е процентот на домаќинства со мали деца (34,6 отсто) од оние без деца (31,3 отсто), кои се наоѓаат во ваква ситуација.
Ако ги погледнеме податоците одделно по земји, ќе забележиме дека во Шведска овој процент е најмал, само 8,2 отсто. Потоа следуваат Луксембург (13,1 отсто), Данска (13,7 отсто), Финска (14,2 отсто), Австрија (15,4 отсто) и Холандија (16,2 отсто).
За разлика од нив, 6 од 10 луѓе не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор далеку од дома во Романија каде што процентот достигнува 66,6 отсто. Со високи 62,8 проценти е и Хрватска. Потоа следуваат Бугарија (56,4 отсто), Грција (53,6 отсто), Кипар (53,5 отсто) и Унгарија (50,7 отсто).