Фото: Игор Бансколиев

За да се привлече поголем број странски туристи во руралните области во Македонија, освен инфраструктурата, потребни се и поголема маркетиншка кампања и едукација на локалното население, објаснуваат упатените

Руралниот туризам многу често се спомнува како една од добрите опции за економски развој, како и за семејна и демографска ревитализација на нашата држава, но во споредба со другите земји, особено со оние од ЕУ, кај нас овој дел е запоставен. Причината за тоа што Македонија, иако со огромни потенцијали за развој на алтернативниот туризам, во рамките на кој и руралниот, заостанува треба да се бара, пред сѐ, во лошата инфраструктура, а потоа и во многу други области.

Суштината не е да се
понуди само сместување

Како што вели Дончо Нацев, сопственик на една од туристичките агенции, руралниот туризам има висок потенцијал за стимулирање на локалниот економски раст и социјални промени заради неговата комплементарност со другите економски активности, неговиот придонес во БДП и создавањето работни места.
– Во последните години, а посебно за време на пандемијата, во Македонија почна да биде актуелен руралниот туризам кај македонските граѓани, но тоа што се нуди е само сместување без некаква друга анимација или организирана форма на активности. Мислам дека уште многу треба да се работи за едукација на локалното население, кое нуди форма на рурален туризам. Суштината на руралниот туризам не е да се понуди само сместување, туку да се понуди и содржина што активно ќе ги вклучи корисниците на услугата да истражуваат, да ја почувствуваат средината во која ќе го поминат времето на престој преку разни форми – смета Нацев.
Тој се согласува дека Македонија располага со огромен потенцијал, но нагласува дека треба уште многу да се работи.
– За да привлечеме поголем број странски туристи (обожаватели) на руралниот туризам, потребна е поголема маркетиншка кампања, а пред сѐ стручно оспособување на локалното население или давателите на услугата преку организирање работилници за едуцирање. На крајот, руралниот туризам не може да биде рангиран во масовен туризам, туку во туризам наменет за пребирливите туристи што бараат авантура, гастрономија, природа… – посочува Нацев.

Пандемијата потсети на придобивките од престојот на село

Според директор на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски, започнуваме да ја живееме новата реалност во туризмот, која во многу нешта ги менува фокусите на туристите, дестинациите и начинот како ќе се функционира во оваа економска гранка.
– Мали групи туристи, патување со своето семејство, користење авионски и автомобилски превоз и интерес за дестинации, кои, пред сѐ, во својата понуда го имаат екопредзнакот, малите сместувачки капацитети, органската храна се дел од интересите на туристите во 2021 година. Доколку ги следиме искуствата од 2020 година, најпосетени дестинации кај нас и во светот биле руралните предели, националните паркови, заштитените подрачја, кои генерираа зголемен број на ноќевања, 10-15 отсто во однос на 2019 година, а истата практика продолжува и за 2021 година во првата половина – посочува Јаневски.

Тој нагласува дека ова е одлична можност да се фокусира нашата држава на руралниот и екотуризмот како носечки форми кај нас во наредните пет години, но затоа треба да создадеме услови со нови сместувачки капацитети, а не туристите да ни бидат на дневни посети.
– Многупати сме зборувале за Преспа и нејзините можности за развој на екотуризмот како специфична форма на туристичка понуда и дел од руралниот туризам, а во целата дестинација да имаме нешто повеќе од 900 кревети во сместувачките капацитети. И покрај фактот што Преспа руши рекорди по дневни посети во 2021 година, локалната економија тешко може да види финансиска благодат на подолг период бидејки туристите само ја претрчуваат, без можност поради малите капацитети да останат подолг период во дестинацијата – појаснува Јаневски.

Сѐ уште нема јасна визија за можностите

Тој истакнува дека локалното население нема јасна визија за можностите од туризмот, бидејќи Македонија нема активна стратегија за развој на руралниот туризам од 2017 година или евалуација на постигнатите резултати од изминатата.
– Сепак, оваа е една причина, но потребата од вложување во дестинациите со капацитети и услови за развој на овој тип туристичка понуда треба да биде во континуитет, а можностите што ги нудат европските фондови и меѓуграничната соработка низ проекти треба да се искористи. Имаме милиони причини за изговори, но и милиони можности за започнување инвестициски циклуси за развој и практикување на руралниот и екотуризмот токму сега – потенцира Јаневски.